BMW Group минатата година продаде повеќе од 2.5 милиони возила – вкупната продажба е зголемена за 9.1%, додека продажбата на електрични возила е зголемена повеќе од двојно!
BMW Group во која се вклучени BMW, Mini и супер-луксузниот Rolls-Royce минатата година продадоа вкупно 2.521.525 возила. Од нив, дури 2.213.795 се примероци на BMW и баварците водат во премиум сегментот – и тоа глобално.
Продажбата на BMW е зголемена за дури 9.1% во однос на 2020, додека продажбата на електрични возила е зголемена повеќе од двојно – односно за 133.2% на 103.855 продадени електрични возила. Со зголемената продажба во 2021, BMW ги постигна највисоките продажни бројки во својата историја.
Секако, тоа се должи на забрзаното темпо на електрификација на баварскиот бренд. Минатата година BMW претстави неколку електрични возила, меѓу кои електричниот i4 и големиот iX (кој ние го возевме низ Баварија).
Ако ги броиме и електрифицираните возила, одлични 13% од продадените возила (328.316) се електрифицирани (електрични или хибридни). Оваа бројка е зголемена за одлични 70% глобално. Најдобар пазар за електрифицираните возила на BMW Group е токму Европа, каде повеќе од 23% од продадените возила биле електрифицирани.