ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz Vision EQXX е електричен концепт кој поминува 1000 километри со полни батерии! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz Vision EQXX е електричен концепт кој поминува 1000 километри со полни батерии!

По неколкуте најави, Mercedes-Benz конечно го претстави Vision EQXX – концептот кој е визијата на германскиот бренд за самиот врв на автомобилската ефикасност.

Супериорната ефикасност на Vision EQXX му овозможува на електричниот концепт да помние повеќе од 1000 километри со едно полнење на батериите. Од Mercedes-Benz кажуваат дека со оваа автономија, просечниот возач би требало да го полни EQXX еднаш или два пати месечно. Секако, забележуваме и дека најефикасниот електричен автомобил кој во моментов се нуди не е SUV.

Импресивното е дека концептот го постигнува ова со релативно мала батерија. Од Mercedes-Benz не го кажуваат капацитето на батеријата, но кажуваат дека е помалку од 100 kWh. Дополнително, додаваат дека во однос на волуменот е 50% помала од онаа во EQS, но е и 30% полесна. Максималната волтажа е 900 волти, а батеријата и специјалната конзола во која се вградува тежат само 495 килограми.

Батеријата е поврзана со електромотор кој испорачува 150 kW, односно 201 коњска сила. Инженерите на Mercedes-Benz се многу горди на ефикасноста на погонот – според нив, дури 95% од енергијата се испорачува кон тркалата. Дополнително, на кровот е поставен соларен панел со 117 ќелии, а енергијата која се собира се користи за да се напојуваат дополнителните системи – клима уредот, вентилацијата, светлата, инфозабавниот уред, итн. Енергијата од соларните ќелии се складира во засебна батерија, а во идеални услови оваа технологија ослободува дополнителни 25 километри опсег.

Инаку, EQXX е прилично компактен – долг е 4.6 метри и има меѓуоскино растојание од 2.8 метри. Тежи само 1750 килограми – бројка која за електричен автомобил е импресивно ниска. Супер-футуристичкиот дизајн резултира и со ултра-низ коефициент на отпор на возудхот од само 0.17 Cd. Активната аеродинамика и покриените тркала придонесуваат кон овие импресивни резултати. EQXX користи и специјални пневматици развиени од Bridgestone кои се со ултра-низок коефициент на отпор на тркалање.

Поврзано:  Mercedes-Benz CLE Cabriolet пристигна во салонот на Мак Аутостар

Во кабината е поставен огромен, 120-сантиметарски дисплеј кој се протега од едната до другата страна. Дисплејот е со 8К резолуција и доаѓа со грст нови технологии – меѓу кои е и нов навигациски систем со 3D приказ. Во кабината се користени одржливи материјали – од Biosteel влакна, веганска кожа која се добива од печурки и кактуси, како и теписони произведени од бамбус.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.