Новото службено возило на Ken Block е електрично Audi кое ќе ја има главната улога во електричната Elektrikhana!
Ken Block го подготвува првото електрично Gymkhana видео кое ќе се вика Elektrikhana, а покрај супер-познатиот рели возач ќе се појави и уникатниот електричен Audi S1 E-tron Quattro Hoonitron! Електричниот S1 Hoonitron (да скратиме малку) е инспириран од легендарниот Audi Sport Quattro S1 од 80-тите години, а новиот автомобил доаѓа со дизајн кој ги истакнува класичните детали, но преку нов, модерен e-tron дизајнерски пристап.
S1 Hoonitron е придвижуван од два електромотори кои овозможуваат quattro погон на сите четири тркала. Сега за сега не знаеме со колку коњкси сили располага S1 Hoonitron, но RS Q E-tron возилото кое е подготвено за Dakar има слична конфигурација и 680 коњски сили. Секако, автомобилот е изработен од карбон, а интересно е дека ги задоволува сите FIA стандарди за безбедност.
Кен Блок е веќе импресиониран од возилото. Тој изјави дека му се допаѓа дизајнерскиот пристап, но и инстантната испорака на моќност – „Добро познавам многу автомобили кои користат мотори со внатрешно согорување и различни преноси, но тука има многу нови работи кои треба да ги научам. Стоење во место и инстантно лансирање до 150 километри на час и вртење во круг за мене е целосно-ново искуство!“ – изјави Блок.
S1 Hoonitron е дизајниран за само 4 седмици во центарот за дизајн на Audi во Инголштад, а Кен Блок и неговиот тим имале силно влијание на дизајнот. Кен Блок е очигледно возбуден – самиот кажува дека Hoonitron го пишува новото поглавје на историјата и ја носи приказната за Gymkhana во иднината!