Со две нови скици Volkswagen го открива новиот Amarok – и сега за прв пат можеме да погледнеме и во внатрешноста.
Знаеме дека новиот Amarok ќе ја дели платформата со новиот Ford Ranger (како што новиот Ford Tourneo е базиран на Volkswagen Caddy), но пикапот на Volkswagen ќе има засебен, препознатлив лик и кабина во духот на останатите модели на VW.
Забележуваме и понагласени и поагресивни крила, како и мускулести линии. Amarok ќе има и свој преден лик со препознатливи предни светла и предна маска. Сличностите меѓу Amarok и Ranger се позабележителни во кабината, каде го препознаваме вертикално-поставениот централен мултимедијален систем на Ford. Секако, тој ќе има адаптирани графички елементи за да одговара на дизајнерските насоки на Volkswagen.
Секако, луѓето од Volkswagen се гордеат со новиот Amarok и кажуваат дека „нема да биде спречен од никаков терен“ и дека „ќе воведе иновации кои досега не биле достапни во сегментот и ќе понуди моќни системи за асистенција“.
Amarok ја продлабочува соработката која Volkswagen ја започна со Ford. Меѓу најважните продукти од таа соработка ќе биде новиот електричен автомобил на Ford кој ќе биде поставен на MEB платформата на Volkswagen наменета за електрични возила. Според најавеното, Ford ќе направи 600.000 возила поставени на оваа платформа.