Новиот егзотичен суперавтомобил од Ferrari ќе биде произведен во само 599 примероци и секој од нив ќе чини по 2 милиони Евра. И сите се веќе продадени, секако.
Daytona SP3 го носи најмоќниот мотор со внатрешно согорување во историјата на Ferrari. Моќниот 6.5-литарски V12 ја носи ознаката F140HC и испорачува 840 коњски сили и 700 Nm вртежен момент. Моќниот V12 „врти“ до врескачки 9500 вртежи во минута, а максималната моќност ја испорачува при еднакво-високи 9250 вртежи во минута.
Според Ferrari, Daytona SP3 оддава чест на 1-2-3 победата на Ferrari на 24 Часа во Дејтона трката од 1967-мата година. Дизајнот користи ретро-инспирирани елементи кои се комбинирани со модерни, супер-футуристички решенија за да се добие еден привлечен, моќен и карактеристичен автомобил. Кој е најинтересниот детал? Ако нè прашате нас, тоа најверојатно би биле „капаците“ на фаровите, кои наликуваат на оние класичните, фраерски, поп-ап предни светла.
Понатаму, бидејќи сме фанови на ретро-деталите, ќе зборуваме малку и за задниот дел. Хоризонталните задни светла се дел од хоризонталните „ребра“ кои наликуваат на старите модели на Ferrari – и едноставно, задниот дел изгледа спектакуларно. Всушност, да не знаевме дека ова е сериски автомобил, ќе речевме дека е визија на некој дизајнер и дека најверојатно никогаш не би отишла во сериско производство.
Во кабината забележуваме интересни решенија – седиштата се интегрирани во самата кабина и всушност се споени во еден елемент. Од Ferrari кажуваат дека ваквиот пристап е инспириран од тркачките автомобили од 60-тите години, во кои возачот седел на перничиња кои биле директно прицврстени за шасијата. Конзолата е минималистичка, а пред возачот е поставен голем, 16-инчен дигитален закривен инструмент-панел.
Како што напоменавме, Daytona SP3 користи „обичен“ атмосферец, без никакви хибридни компоненти, а моторот ја испорачува силата кон задните тркала преку 7-степен автоматски менувач со двојна спојка. Погонот овозможува 100 километри на час за само 2.85 секунди, 200 километри на час за 7.4 секунди и максимални 340 километри на час.
И да, сите примероци се веќе распродадени. Од планираните 599 примероци, 499 се веќе нарачани од сопствениците на претходните Monza SP1 и SP2, а останатите 100 им биле понудени (и се веќе продадени) на „одбрана група колекционери и клиенти на Ferrari“.
Па добро.