Најважните бројки – Cayman GT4 RS добива 4-литарски 6-цилиндерски боксер кој испорачува 500 коњски сили и 450 Nm вртежен момент!
Ајде да ја започнеме дискусијата со податок кој пристигна од Porsche – новиот Cayman GT4 RS заврте круг околу Nurburgring за 7:04.511 – а тоа го прави цели 23.6 секунди побрз од „обичниот“ Cayman GT4. Како е постигнато тоа? Преку значително помоќен мотор, но и доработки на шасијата кои го прават Cayman GT4 RS да биде навистина врвниот модел во понудата.
Средишно-поставен во GT4 RS е атмосферскиот, 4-литарски боксер со шест цилиндри „украден“ од 911 GT3. Во оваа конфигурација тој испорачува 500 коњски сили и 450 Nm вртежен момент, кои ги пренесува кон задните тркала преку специјално-развиен 7-брзински PDK автоматски менувач со двојна спојка. Зошто нема мануелен менувач? Затоа што GT4 RS е развиен да понуди врвни перформанси – а PDK менувачот секогаш ќе биде побрз од мануелниот.
Сето ова значи 100 километри на час за 3.2 секунди и максимални 315 километри на час. Но измените продолжуваат понатаму – суспензијата е преработена да биде уште подинамична и поподготвена за тркачките патеки, целата шасија е зацврстена, а намалена е и тежината – и тоа за цели 35 килограми. За GT4 RS да биде уште поубедлив на тркачките патеки, целиот автомобил е поблиску до подлогата – и тоа за 30 милиметри!
Cayman GT4 RS ќе го препознаете преку карбонскиот преден поклопец, нагласените аеро-елементи (како предниот дифузер и отворите за воздух на крилата – но највеќе преку големото задно крило кое нуди одличен потисок за подобра тракција, но не влијае негативно на аеродинамиката. Од Porsche кажуваат дека GT4 RS има 25% повеќе потисна сила во однос на GT4. Нарачајте го Weissach пакетот и ќе добиете карбонските детали, но и титаниумски издувен систем, Race-Tex материјали во кабината, како и магнезиумски тркала обвиени во Michelin Pilot Sport Cup 2 R тркачки пневматици.
Спектакуларно, нели?