F1: Големата награда на Мексико – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

F1: Големата награда на Мексико

Викендов се одржа Ф1 трката во Мексико – на тренинзите имаше многу различни времиња од сите учесници и неможеше да се одреди јасна доминација, што означи дека ќе има интересна квалификациска сесија.

Во саботата на квалификациите имаше многу мешаница, имено Мерцедес се покажаа како доминантни заедно со Редбул, и секој очекуваше дека ќе има некоја посилна борба. Така и беше се до последните минути кога излегоа Редбул и Мерцедес за финален одлучувачки круг. Тсунода пред нив за да не им пречи, излезе од патеката, надевајќи се дека ќе им се тргне од патот. Но прашината и честичните кои ги крена ги натераа сите да намалат, а Перез и сосема да излезе од патеката. Карамбол. Со тоа останаа претпоследните резултати од квалификациите два Мерцедеси напред, два Редбула зад нив.

Шансите за Мерцедес беа огромни, секако не сметајќи дека некој ќе ги нападне. Во самиот старт Макс уште пред првата кривина успеа да ги помине и двата Мерцедеси на радост на фановите. Маестрален подвиг, едноставно еден од оние моменти кои ќе останат во историјата како највиски достигнувања. Малку потсетија на стартовите на Алонсо во историјата или пак на Кими Раиконен кога успеваа на стартот да поминат и по 3-4 болиди. Се на се идеален старт на Макс.

По првата кривина Рикиардо и Ботас се допреа, и тоа резултираше со извртување, па и двајцата возеа на опашката до крајот на трката. Перез на домашен терен се покажа како добар конкурент на Хамилтон, но сепак многу малку обиди за претекнување, а со тоа не успеа да заврши пред Хамилтон и да го закити Редбул со 1-2 победа. Поддршката за Перез беше искрена, и гласна, сите трибини ечеа на секое негово поминување.

На крајот на трката кога веќе се беше јасно, Мерцедес со цел што е можно повеќе да наштетат на Редбул и на Макс го внесоа Ботас за промена на меки пневматици. Тој излезе и се обиде да направи најбрз круг, за да го одземе бодот на Макс. Не успеа. Пак влезе во бокс, пак се обиде да извози најбрз круг, и овој пат успеа. Во последниот можен круг, со извртувања, со 4 пати влегување во бокс, со сини знаменца, сепак им помогна на Мерцедес да измолзат уште некој бод во првенството од Редбул.

Крајот е водство на Макс во пласманот за возачи со 19 бодови, и водство на Мерцедес во пласманот за конструктори со 1 бод пред Ред Бул.

Автор: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.