Ford подготви темелно освежување за одличниот Focus – кој покрај затегнатиот дизајн и новите технологии, добива огромен централно-поставен мултимедијален дисплеј.
Визуелните измени се дискрени, но сепак препознатливи. На предниот дел добиваме нови предни светлосни групи (кои патем, сега кај сите изведби ќе бидат со LED технологија), редизајнирана маска на ладилникот и редизајниран браник, а слично како кај неодамна-освежената Fiesta, логото на Ford сега е преместено од поклопецот на моторот и поставено е централно на предната маска. Измениот на задниот дел се уште подискретни – препознаваме редизајнирана графика на задните светла, како и затегнат браник.
Сепак, малку повеќе внимание е посветено кон различноста на различните изведби на Focus – Connected и Titanium моделите добиваат поширока предна маска со хромиран прстен и хромирани хоризонтални решетки. ST-Line изведбата добива црна предна маска, подлабоки странични прагови, заден дифузер и заден спојлер, а кросоверот Active добива вертикални решетки на предната маска, дополнителни заштитни панели и засебни тркала.
Кабината на Focus го добива најновиот SYNC4 систем за комуникации кој овозможува безжични надградби преку интернет, а се поврзува и со FordPass апликацијата за паметен телефон. Новиот систем е поставен на огромен 13.2-инчен централен мултимедијален дисплеј (кој најверојатно е најголем во класата) и од Ford кажуваат дека е инутитивен и лесен за користење.
Focus добива и грст нови безбедносни технологии – како што е систем за следење на слепата точка и слично.
Со освежувањето, Ford одлучи да го замени постоечкиот автоматски менувач со нов, 7-брзински DCT автоматски менувач со двојна спојка. Овој менувач ќе се нуди на лајт-хибридните EcoBoost верзии со 125 или 155 коњски сили. Секако, во понудата останува одличниот Focus ST кој користи 2.3-литарски EcoBoost кој испорачува 280 коњски сили. Focus ST ги добива сите технологии и освежувања кои ги добиваат и останатите верзии, а ќе го препознаете по затемнетите детали во предниот браник, големите тркала, големиот заден спојлер и подинамичниот став во однос на сите други изведби на Focus. Новитет кај Focus ST е и новата Mean Green зелена боја.
Во понудата остануваат и 1-литарскиот EcoBoost со 100 или 125 коњски сили кој ќе се комбинира со мануелен менувач. За оние кои и понатаму инсистираат на дизел, тука е 1.5-литарскиот EcoBlue кој испорачува 95 или 120 коњски сили.