ПРЕМИЕРА: Jeep го претстави целосно-новиот Grand Cherokee – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Jeep го претстави целосно-новиот Grand Cherokee

По претставувањето на Grand Cherokee L, Jeep денес го претстави и новиот Grand Cherokee како и првиот плаг-ин хибриден Jeep Grand Cherokee во форма на Trailhawk 4xe!

Во суштина, Jeep Grand Cherokee ги добива сите исти технологии и дизајнерски решенија кои веќе ги видовме кај Grand Cherokee L, но во нијанса помало (колку што може да биде, сепак зборуваме за Grand Cherokee) пакување. Вистинскиот новитет доаѓа во форма на Grand Cherokee Trailhawk 4xe – новиот плаг-ин хибриден теренец кој е подготвен да ги совлада сите теренски предизвици.

Според најавите, новиот Grand Cherokee ќе биде лансиран на домашниот, американски пазар до крајот на оваа година, а останатите пазари ширум светот ќе го добијат на почетокот на следната година. Новиот Grand Cherokee е дизајниран во САД, а ја продолжува традицијата на супер-способни теренци, но овој пат со нагласена доза на луксуз. Меѓу другото, кабината добива и нов дигитален дисплеј за совозачот, покрај сите други современи технологии.

Од Jeep гордо кажуваат – ние мора да се согласиме – дека новиот Grand Cherokee е технолошки најнапредниот, но истовремено и најлуксузен и теренски најспособен Grand Cherokee во историјата. Очекуваме дека најпопуларен ќе биде токму Grand Cherokee 4xe, кој комбинира 2-литарски турбо-бензинец со батерија со капацитет од 17 kWh, со два електромотори. Вкупната, системска моќност е 370 коњски сили и моќни 637 Nm вртежен момент, како и автономија од 40 километри на електрична енергија.

Плаг-ин хибридниот Grand Cherokee ќе се нуди во Limited, Overland, Summit и Trailhawk верзии, а денес го гледаме токму теренски-ориентираниот Trailhawk. Како и традиционално-погонуваниот Trailhaw, и 4xe верзијата добива Quadra-Drive II систем за погон на сите четири тркала, а тука е и електронски-контролираниот заден диференцијал со ограничено пролизгување, како и неколку различни режими на возење (Auto, Sport, Rock, Snow и Mud & Sand).

Стандардно ќе доаѓа и со Quadra-Lift воздушна суспензија која овозможува дури 278 милиметри оддалеченост од подлогата, а ќе може да вози низ вода длабока до 610 милиметри.

Како што напоменавме, пристигнува следната година – и едвај чекаме да седнеме зад воланот!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.