ТУРБО ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid GR Sport – Хибриден кросовер со спортски амбиции – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТУРБО ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid GR Sport – Хибриден кросовер со спортски амбиции

Нема сомневање дека GR-дивизијата на Toyota понуди неколку одлични продукти – но како се снаоѓа тој пристап во една лајт-варијанта?

GR (Gazoo Racing) моторспорт дивизијата на Toyota лансираше неколку навистина интересни продукти – од новата GR Supra, преку новиот GR 86, па сè до спектакуларниот, рели-инспириран GR Yaris. Продукти кои не само што ги возбудуваат купувачите, туку и поставуваат стандарди и наметнуваат очекувања. Ова се продукти кои се од самиот старт развиени да понудат врвно возачко искуство и врвни перформанси – па соодветно на тоа, и очекувањата се прилично големи.

Но што се случува кога тоа Toyota ќе се обиде тоа огромно инженерско и дизајнерско искуство да го пренесе во една „лајт“ варијанта? Што се случува кога „цивилни“ модели како Corolla или C-HR ќе го добијат GR третманот? Тогаш добиваме GR Sport возила – односно, она за кое ќе зборуваме денес.

Дискретни спортски детали и механички измени, сосем доволни за истакнување на педигрето.

GR Sport третманот кај C-HR започнува со дискретни визуелни измени – забележуваме редизајниран преден браник, црни декоративни елементи околу предните светла и значките, црни декоративни елементи околу вратите, како и редизајниран заден браник со (погодувате) црни детали. Плус, нашиот тестен автомобил дојде во привлечна двобојна комбинација со црвена каросерија и црн кров – и кога на сето тоа ќе ги додадеме и модерните тркала, добиваме навистина привлечен и трендовски кросовер.

А ако мислевте дека измените се само визуелни – грешите. Нема механички измени во погонот, но има во суспензијата – па C-HR GR Sport е 15 милиметри понизок и добива 10% поцврсти пружини напред, односно 15% позади, ревидирани амортизери и поцврсти стабилизатори – што пак придонесува кон подинамично возење.

Поврзано:  ТЕСТ: Toyota RAV4 Plug-In Hybrid Style - Најмоќниот и најефикасниот RAV4

Да се разбереме, ова не значи дека C-HR GR Sport е непријатно тврд – туку дека едноставно малку повеќе внимание е посветено на подинамичното управување и нијанса поспортското прилепување кон подлогата.

C-HR GR Sport е талентиран спортски кросовер.

И навистина, C-HR GR Sport е забележително трансформиран во однос на обичниот C-HR. Разликите не се „ден и ноќ“ бидејќи едноставно не можат да бидат, но во однос на обичните изведби на C-HR, GR Sport верзијата оди од свиок во свиок со понагласен ентузијазам. Навалувањето во свиоци е подобро контролирано, и иако серво управувачот не пренесува премногу информации од подлогата, сепак е доволно прецизен и директен, делумно и поради специјалното GR Sport нагодување. Најдете го вашиот омилен пат за возење и иако C-HR GR Sport нема да се однесува како GT 86, сепак ќе бидете изненадени од талентите на спортскиот кросовер.

Нема да бидете разочарани ниту од хибридниот погон. Веќе го познаваме 2-литарскиот хибрид на Toyota – тој комбинира 2-литарски атмосферски со 152 коњски сили со електромотор кој испорачува дополнителни 109 коњски сили, за да испорача системски 184 коњски сили и 190 Nm вртежен момент.

Овие 184 коњски сили и 190 Nm вртежен момент ги пренесува кон предните тркала преку eCVT менувач, а сето тоа резултира со 100 километри на час за 8.2 секунди и максимални 180 километри на час. CVT преносот значи дека испораката на сила е малку различна во однос на конвенционалните автоматски менувачи, но возете во Sport режим и ќе го извлечете максимумот. И кога сме веќе тука, C-HR GR Sport не е ништо помалку економичен од „цивилните“ верзии – ние измеривме потрошувачка која едвај надмина 6 литри на 100 изминати километри.

Поврзано:  ТЕСТ: Toyota RAV4 Plug-In Hybrid Style - Најмоќниот и најефикасниот RAV4

Грст GR Sport детали и во кабината.

Плус, не е заборавено ниту на кабината. Кога ќе ја отворите возачката врата ќе ве пречекаат специјални GR Sport спортски седишта кои се делумно обвиени во кожа, делумно во алкантара, а ќе добиете и уште неколку спортски детали – како што се спортскиот управувач кој е делумно обвиен во перфорирана кожа и има црвени опшивки, GR Sport декоративни елементи, GR Sport старт копче и GR Sport заштитни панели на вратите. Повеќе од доволно за кабинат да добие уште понагласена спортска нота. Ни се допаѓа!

А уште еднаш ќе напоменеме дека C-HR сега има и надграден мултимедијален уред со значително повисока резолуција, но и со Android Auto и Apple CarPlay поврзување.

C-HR GR Sport гордо ја носи значката!

И тука некаде би ја заокружиле нашата дискусија за C-HR GR Sport. Докажаниот и успешен кросовер на Toyota заслужено доби ваква изведба – а измените се сосем доволни за да го издвојат спортски нагодениот C-HR од обичниот. Инженерите на Toyota го искористиле знаењето на GR Sport дивизијата за да направат измени кои самите по себе можеби делуваат минимални, но кога ќе се земе предвид целиот пакет, целината навистина е поголема од сумата на засебните делови.

Дали C-HR треба гордо да ја носи GR Sport значката? Да, апсолутно!

Спецификации

Модел: Toyota C-HR 2.0 Hybrid Cult
Мотор: 2-литарски хибриден погон, 4 цилиндри
Моќност: 184 коњски сили
Вртежен Момент: 190 Nm / 4400 вртежи во минута
Менувач: Бесстепен CVT
0-100 км/ч: 8.2 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4360 mm
Ширина: 1795 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1540 mm
Тежина: 1485 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2640 mm
Багажен Простор: 377 литри
Потрошувачка: 6.1 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota C-HR 1.8 Hybrid CENTER – 26.390 Евра
Цена на тестираниот модел: Toyota C-HR 2.0 Hybrid GR Sport – 35.190 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk
Поврзано:  ТЕСТ: Toyota RAV4 Plug-In Hybrid Style - Најмоќниот и најефикасниот RAV4

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.