Седнавме зад управувачот на целосно-новата Opel Mokka – автомобилот со кој Opel оди чекор понатаму во својата трансформација. Токму со Mokka, Opel ги најавува своите вистински амбиции!
Ако реинтерпетацијата на Opel под капата на PSA (односно сега веќе Stellantis) започна со најновата Corsa, тогаш со новата Mokka, германскиот производител го прави следниот чекор кон целосната трансформација. Трансформацијата не е само технолошка – таа е и дизајнерска, и контекстуална, но и идентитетска.
Да, ова е возбудливо време за Opel. Под капата на Stellantis се случува нешто што е како Халеева Комета во автомобилската индустрија – ретко и интересно за гледање. Од една страна, Opel е целосно ослободен од стегите на минатата корпорациска култура, а од друга страна Stellantis покажува цврста волја одново да го позиционира Opel – a сето тоа значи дека Opel има уникатна шанса да се реинкарнира себеси во ново светло и да си најде ново место на автомобилскиот пазар.
Како што напоменавме кога неодамна ја возевме Corsa GS Line, Opel силно се бори да го корегира својот имиџ – дизајнерите одново и одново ја повторуваат Cold to Cool филозофијата – односно дизајните кои нè оставаа ладни, да бидат заменети со дизајни кои се едноставно Cool. И токму тоа за прв пат вистински го гледаме кај новата Mokka.
Нов лик, нов став, нов идентитет.
Токму со Mokka, Opel го претстави новиот Vizor – односно новиот лик на Opel кој ќе го следат сите идни модели на брендот. Дизајнерите кажаа дека Vizor е како кацига која го покрива целото лице, а инспирацијата доаѓа од првата генерација на легендарната Manta.
Ако револуцијата започнува со Vizor, тогаш продолжува со остатокот од Mokka. Профилот е динамичен со издигнувачка карактерна линија и странични заштитни панели кои Mokka ја прават да изгледа пониска. Околу лебдечкиот кров (кој кај нашиот тестен примерок беше во црна боја) има хромиран декоративен елемент кој ги спојува предниот и задниот дел.
На задниот дел вниманието највеќе оди кон задните светлосни групи. Тенките хоризонтални светла се поставени високо, додека името Mokka гордо се шири низ скоро целата врата на багажниот простор. Mokka е храбра и горда и не ја сокрива својата различност.
А од која страна и да погледнете, ќе забележите интересни детали. На предниот дел ни се допаднаа страничните отвори за воздух и остриот гребен на средината на поклопецот на моторот. Од друга страна, на задниот дел ни се допадна „штипнатиот“ завршеток на карактерната линија.
И навистина, на сите им се допадна Mokka – минувачите не прашуваа за што се работи, ги интересираше да дознаат повеќе, сакаа да погледнат одблиску… Тоа е повеќе од силен знак дека Opel во своето портфолио има привлечен и забележлив модел кој веднаш наоѓа свои фанови.
Нова кабина, со нов пристап и грст нови технологии.
Слична еволуција се препознава и во кабината. Всушност, токму кај Mokka за прв пат се запознаваме со уште еден важен Opel новитет – а тоа е комбинацијата од два екрани, којa Opel ја нарекува PurePanel. Пред возачот е поставен еден дигитален дисплеј наменет за инструментите, а на централната конзола е поставен уште еден, наменет за мултимедијалните функции и слично, а има и Android Auto и Apple CarPlay поврзување.
Ќе ги пофалиме и физичките контроли за клима уредот кои се супер-лесни за користење. На прв контакт можеби малку ќе ве збунат контролите за автоматскиот менувач, но и тие се лесни за користење. Немаме забелешки ниту на материјалите – скоро сè што гледате и скоро сè што ќе допрете е обвиено во квалитетни и фино-текстурирани материјали, а добра е и завршната обработка.
Ако некаде во кабината е направен комромис, тоа е можеби на задната клупа. На задната клупа има доволно место за двајца (па и за тројца, кога е потребно) патници, но некои од конкурентите нудат повеќе простор. Тоа е цената која се плаќа за дизајнот, и тоа е цена која сме подготвени да ја платиме. Во однос на прегледноста, малку е направен компромис кон задниот дел, но повторно – тоа е резултат на храбриот дизајн на Mokka.
Одличен 1.2-литарски турбо-бензинец со 130 коњски сили.
Нашиот тестен модел дојде опремен со најновата итерација на добро-познатиот 1.2-литарски турбо-бензинец кој веќе го познаваме од други модели на Opel (неодамна возевме верзија од 100 коњски сили во Corsa). Во оваа конфигурација, тој испорачува 130 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 230 Nm вртежен момент од ниски 1750 вртежи во минута.
Силата ја пренесува кон предните тркала преку докажан 8-брзински автоматски менувач, а сето тоа значи 100 километри на час за сосем респектабилни 9.2 секунди и максимални 200 километри на час. Комбинацијата од турбо-бензинецот и автоматскиот менувач се покажа како идеална – одлично ѝ прилега на Mokka во урбаниот метеж, а од друга страна прави возењето и кон подалечни дестинации да биде лесно и опуштено.
Дополнително, сето ова резултираше и со импресивно ниска потрошувачка – без посебно да се обидеме, постигнавме потрошувачка од околу 7.5 до 8 литри на 100 изминати километри. На отворено, потрошувачката се намалува за уште околу еден литар.
Mokka влева доверба во нејзините можности.
Интересно е дека Mokka е калибрирана да биде динамична и не се однесува како конвенционален кросовер. Да, неизбежно е дека Mokka е повисок автомобил, но ако сакате можете да седите изненадувачки ниско, како во спортски автомобил.
Но зошто не е како конвенционален кросовер? Затоа што суспензијата успева да биде цврста без да биде некомфорна, а тоа влева доверба во можностите на Mokka и нè тера да „бркаме“ свиоци и да уживаме во возењето – нешто што е навистина ретко кај ваквите автомобили.
Суспензијата (дури и на поголемите тркала на нашиот тестен примерок) успешно ги впива и ги филтрира нерамнините и само големите дупки се некаков проблем, а директно управување значи дека лесно е да ја поставите Mokka на патот и да бидете сигурни дека таа ќе ги следи насоките. Навалувањето во свиоци е присутно (сепак е кросовер), но е сосем добро контролирано, па ќе имате доверба во Mokka. Делумно, ова се должи и на релативно ниската тежина од само 1220 килограми – полесен автомобил значи подобри перформанси, подобрена агилност, намалена потрошувачка…
Со Corsa започна, но со Mokka – Opel навистина се трансформира.
И сега, ајде да донесеме заклучок.. Рековме дека со Mokka, Opel навистина се трансформира во современ, поинаков производител и ги надминува предрасудите кои можеби беа дел од неговото минато. Храбриот дизајн и новите дизајнерски решенија, како и врвните технологии и ефикасните погони ја прават Mokka да биде особено интересна.
Mokka – особено во ваква комбинација – е забележлива и не е за интровертните, и тоа можеби нема да биде по сечиј вкус. Но за оние храбрите, оние кои сакаат нешто забележливо и поинакво, Mokka е неизбежен и привлечен избор. Полн погодок!
Спецификации
Модел: | Opel Mokka 1.2 Direct Injection 130 Ultimate AT8 |
Мотор: | 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри |
Моќност: | 130 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 230 Nm / 1750 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски, 8 брзини |
Забрзување 0-100 км/ч: | 9.2 секунди |
Максимална Брзина: | 200 километри на час |
Должина: | 4151 mm |
Ширина: | 1987 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1534 mm |
Тежина: | 1220 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2557 mm |
Багажен Простор: | 350 – 1105 литри |
Потрошувачка: | 7.6 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Opel Moka 1.2 100 Base – 17.920 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Opel Mokka 1.2 Direct Injection 130 Ultimate AT8 – 25.900 Евра |
Повеќе Информации: | Opel.mk |