Citroën неодамна го освежи супер-популарниот C3 Aircross – и повеќе од очигледно е дека дизајнерите и инженерите на францускиот бренд уште при лансирањето, на пазарот понудија одличен автомобил.
C3 Aircross е еден од најпопуларните модели на Citroën – и токму затоа, францускиот производител одлучи дека сега е вистинското време малку да му ги „затегне брчките“ и да го освежи интересот кај купувачите. Реалноста е дека на C3 Aircross и не му се наоѓаа некои сериозни замерки, па токму затоа измените се дискретни, но сосем доволни да го направат францускиот мал SUV полесен за секојдневно користење.
Освежен дизајн – нови детали, нови бои и нови можности за персонализација
Естетските корекции се воглавно концентрирани околу предниот дел. Ненаметливите, меки линии на „стариот“ C3 Aircross се заменети со нијанса поагресивни и подоминантни линии. Препознатливиот знак на Citroën се „претопува“ во хромираните елементи на предната маска, а светлата се поделени за повеќе да наликуваат на оние кај новиот C4. Вертикалните отвори за воздух во предната маска дополнително ја нагласуваат доминантноста, а препознаваме и нови заштитни панели.
Профилот е помалку или повеќе неизменет, но задниот дел добива редизајнирана графика на светлосните групи и неколку ситни освежени дизајнерски детали, а добиваме и нови бои како и нови дизајни на алуминиумските тркала. Нашиот тестен примерок дојде во убавата и длабока Voltaic Blue сина боја, една новите бои кои се нудат.
Затегната кабина со подобрена практичност и побрз мултимедијален уред
Освежувањата продолжуваат во кабината. Како и претходно, и сега C3 Aircross може да добие привлечни детали во боја околу отворите за вентилација, на централната конзола и на неколку други места – ваквите детали ја освежуваат кабината а можностите за персонализација ќе ви овозможат вашиот C3 Aircross да биде навистина ваш.
Кабината и понатаму е практична, просторна и комфорна. Прегледноста е одлична благодарение на големите стаклени површини и високата седечка позиција, а практичните детали како лизгачката задна клупа само ја издигнуваат семејната корисност на повисоко ниво.
Кога сме кај практичноста, инженерите на Citroën ги послушале критичарите, па сега мултимедијалниот уред има физички копчиња за полесен пристап до некои од најважните функциои – како на пример до контролите за клима уредот.
Дополнително, мултимедијалниот уред е значително побрз и пореспонзивен – а тоа го прави значително, значително полесен за секојдневно користење. Ќе го пофалиме и Android Auto и Apple CarPlay поврзувањето – детал кој секој мултимедијален уред го прави неколкукратно покорисен.
Инаку, кабината на C3 Aircross и понатаму е просторна, комфорна и практична. Во зависност од положбата на задната клупа ќе имате 410, 520 или 1290 литри на располагање. Ако мораме да дадеме некоја забелешка, најверојатно ќе биде во насока на некои од пластиките во кабината кои се прилично цврсти, но не се сомневаме дека ќе го издржат тестот на времето.
Суперски 1.2-литарски турбо-бензинец
Вистинско пријатно изненадување ни приреди одличниот 1.2-литарски турбо-бензинец. Малиот три-цилиндерски турбо-бензинец испорачува 110 коњски сили при 5500 вртежи во минута и одлични 205 Nm вртежен момент од само 1500 вртежи во минута.
Силата ја пренесува кон предните тркала преку 6-степен мануелен менувач, спринтот до 100 километри на час трае 10.1 секунда, додека максималната брзина е 182 километри на час.
Како и во многу други автомобили, и во C3 Aircross 1.2-литарскиот турбо-бензинец ги покажува своите таленти – лесно „врти“ и до повисоки вртежи и нуди повеќе од респектабилни перформанси, без притоа да зема голем данок на бензинските станици – низ град очекувајте потрошувачка од околу 7 литри на 100 километри, односно околу 6 литри на отворено.
Плус, C3 Aircross ја одлично ја игра улогата на практичен семеен кросовер и кога станува збор за управувањето. Високата седечка позиција гарантира одлична прегледност, а супер-лесното серво-управување обезбедува лесно маневрирање во градскиот метеж. Немојте да очекувате спортски перформанси – едноставно тоа не е во духот на C3 Aircross. Од друга страна, зголеменото растојание од подлогата значи дека кратки (а и не баш толку кратки) теренски авантури не се исклучени.
Формула која е тешко да се надмине.
По сè изгледа, французите одлично ја погодија формулата за практичен семеен кросовер. Тоа беше јасно уште кога го лансираа C3 Aircross. Конкуренцијата во овој сегмент е особено квалитетна, но знаењето и искуството на Citroën злато вреди. Реалноста е дека Citroën „од прва“ го погоди својот најмал кросовер – практичноста и просторноста кои се главните адути на C3 Aircross, во комбинација со врвниот комфор и одличниот 1.2-литарски турбо-бензинец се формула која е тешко… Не, не само тешко – многу тешко да се надмине.
Спецификации
Модел: | Citroën C3 Aircross 1.2 PureTech 110 Shine |
Мотор: | 1.2-литарски турбодизел, 3 цилиндри |
Моќност: | 110 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 205 Nm / 1500 вртежи во минута |
Менувач: | Рачен, 6 брзини |
0-100 км/ч: | 10.1 секунда |
Максимална Брзина: | 182 километри на час |
Должина: | 4160 mm |
Ширина: | 1824 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1637 mm (со кровни носачи) |
Тежина: | 1179 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2604 mm |
Багажен Простор: | 410 – 520 – 1289 литри |
Потрошувачка: | 7.2 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Citroën C3 Aircross 1.2 Puretech 100 BVM Feel – 16.190 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Citroën C3 Aircross 1.2 Puretech 100 BVM S&S Shine – 18.825 Евра |
Повеќе Информации: | Citroën.com.mk |