Manhart MHX6 е тука за да го привлече вниманието на сите – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Manhart MHX6 е тука за да го привлече вниманието на сите

Германскиот тјунер претстави засилена верзија од BMW X6 M со масивни визуелни модификации и надградби на перформансите, наречена MHX6 700 WB.

Започнувајќи од екстериерот, пакетот на Manhart драстично се издвојува благодарение на 24те компоненти од кован карбон. Чудната текстура која потсетува на мермер може да се најде на предната решетка, отворите на поклопецот на моротор, предниот сплитер, капаците на ретровизорите, додатоците на страничните крила и прагови, како и задниот дифузер, спојлер и отвори за катадиоптрите.

Широкиот бодикит е искомбиниран со темно сива мат фолија на каросеријата и карактеристичните Manhart црни линии на поклопецот, страничниот профил, покривот и багажникот.

Уште една значителна промена се 22-инчните ковани фелни со шест краци, обоени во сатенска црна боја. Тие се обвиени во пневматици со високи перформанси, во профил 295/30R22 на предната и 315/30R22 на задната оска.

Суспензијата е очигледно пониска, благодарение на нови H&R пружини. Како резултат на тоа, тјунираната X6 M седи 30 милиметри поблиску до подлогата.

Срцето на MHX6 700 е 4.4-литарскиот V8 агрегат, но надграден од фабричките 625 кс и 750 Nm на поимпресивни 730 кс и 900 Nm вртежен момент. Ова било постигнато со MHtronic надворешна контролна единица, но истото може да се постигне и со рекалибрација на компјутерската единица.

Уште една измена е новиот издувен систем од не’рѓосувачки челик со четири издувни завршетоци со дијаметар од 100 милиметри. Издувните цевки имаат клапна со контрола, но доколку некој посакува врескачки звук, во понуда се и тркачки цевки без катализатори и OPF/GPF.

Во внатрешноста, Manhart додале дузина елементи од кован карбон што одговараат на екстериерот. Овој материјал може да се најде на инструмент панелот, централната конзола, воланот, лопатките на воланот, основата на седиштата и панелите на вратите. Покрај тоа, Manhart ги замениле BMW ознаките со нивната значка и одбрале црни кожни тапацири со жолти опшивки.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.