Спектакуларниот концепт кој се вика UrbanRebel е визијата на Cupra за електричен градски спортски автомобил, кој би требало да биде и вовед во подостапни електрични автомобили.
Она кое го гледаме денес е „тркачки автомобил“, но отстранете го големиот спојлер и она кое ќе остане е прилично блиску до серискиот автомобил кој би требало да пристигне во 2025. Профилот на UrbanRebel открива ниска линија и кратки надвисоци – елементи кои потенцираат дека не се направени никакви компромиси, особено бидејќи нема потреба да се смести конвенционален мотор со внатрешно согорување.
UrbanRebel има само три врати, но не би биле изненадени доколку серискиот автомобил биде со попрактични, пет врати. Од Cupra кажуваат дека UrbanRebel располага со 335 коњски сили, но на кратки интервали може да испорача до максимални 430 коњски сили – а со тоа да овозможи и катапултирање до 100 километри на час за само 3.2 секунди. Секако, серискиот автомобил нема да биде толку моќен, но не би биле изненадени доколку Cupra понуди и ваква, екстремна верзија во некакви ограничени бројки.
Концептот е долг само 4080 милиметри, широк 1795 милиметри и висок само 1444 милиметри – а тоа се компактни и динамични пропорции. Од Cupra потенцираат дека автомобилот ги најавува пропорциите на идните урбани електрични автомобили, но во „спортска облека“. UrbanRebel меша чист електричен погон, одржливост и перформанси со возбудлива естетика која е под влијание на дигиталната ера. Односно, ни најавува каков ќе биде идниот дизајнерски јазик за урбаното електрично возило кое ќе пристигне во 2025.