Поминавме неколку дена со хибридната изведба на новиот Tucson – и убедени сме дека ова е верзијата на Tucson која треба да ја одберете.
Со најновата генерација на Tucson, Hyundai одлучи дека пристапот треба да биде револуција наместо еволуција. Револуцијата започна со дизајнот, продолжи со врвните технологии кои ги нуди во Tucson, а кулминира со новите (трендовски) погонски опции. Токму затоа, време е да зборуваме за хибридниот Tucson, и зошто мислиме дека токму оваа верзија е верзијата која треба да ја одберете.
Моќен и ефикасен хибриден погон.
Хибридниот Tucson комбинира 1.6-литарски T-GDI турбо-бензинец кој испорачува 180 коњски сили со електромотор кој испорачува дополнителни 60 коњски сили и батерија со капацитет од 1.49 kWh. Вкупната „математика“ е системски 230 коњски сили и 265 Nm вртежен момент. Овој систем можете да го комбинирате со погон на предните или на сите четири тркала, а без разлика на одбраната комбинација ќе добиете 6-степен автоматски менувач со двојна спојка.
Нашиот тестен автомобил дојде со погон на предните тркала – конфигурација која очекуваме да е најпродавана. Според официјалните податоци, спринтот до 100 километри на час трае 8.3 секунди, а максималната брзина е 193 километри на час – бројки кои се повеќе од респектабилни, со оглед на димензиите. Плус, како и другите хибридни возила, и Tucson HEV нуди инстантна реакција и инстантно забрзување благодарение на вртежниот момент од електромоторот кој е достапен „од нула.“
Со полна батерија ќе поминете само неколку километри на електрична енергија – но поентата на хибридниот систем во оваа ситуација не е да овозможи возење на струја (иако, не само што може да го направи тоа, туку може и да постигне брзина од 130 километри на струја), туку да биде асистент на бензинскиот мотор значително да ја подобри ефикасноста.
И со таа константација, доаѓаме до она кое ги интересира највеќе купувачите на хибридните возила – ефикасноста, односно потрошувачката – и токму тука го наоѓаме најсилниот аргумент за нашиот став декa Tucson HEV е верзијата која треба да ја изберете. За време на нашето тестирање, индикаторот за потрошувачка не надмина 6 литри бензин на 100 изминати километри во градски услови (каде хибридниот систем добива вистинска можност да се покаже), а на отворено измеривме 6.4 литри на 100 изминати километри.
Просторна и практична кабина со многу, многу технологии.
Секако, и кај хибридниот Tucson важат истите оние добри работи за кои еднаш веќе зборувавме. Кабината е просторна, модерна и технолошки напредна, а искуството зад воланот успешно сокрива дека се работи за прилично голем SUV.
Всушност, возната динамика и уживањето се подобрени во однос на конвенционалните модели благодарение и на автоматскиот менувач – едноставно, ваквиот менувач повеќе му прилега на еден SUV. Tucson и во оваа изведба е комфорен, практичен и просторен SUV со голем багажник – токму она што треба да биде.
Прегледноста е задоволителна – пред возачот се поставени дигиталните инструменти (да, дури и во „основното“ ниво на опрема кај хибридот, кое е средно ниво на опрема кај моделите со конвенционален мотор) а големите стаклени површини овозможуваат да имате одличен поглед насекаде околу вас. На централната конзола е поставен мултимедијалниот уред (кој има Android Auto и Apple CarPlay поврзување), а околу возачот и совозачот има многу места за оставање дребулии.
На задната клупа има повеќе од доволно простор за патниците, а багажникот кај хибридот е поголем од оној кај дизелот – таму е 598, тука е 616 литри! Дали имаме некакви забелешки за кабината? Само една – а тоа е прекумерното користење на пијано црни површини кои се вистински магнет за прав и отпечатоци од прсти.
Да не се расправаме многу-многу. Изберете хибрид!
Добро, ајде да донесеме заклучок. Хибридниот Tucson е побрз од конвенционалните (всушност, во моментов е најбрзиот Tucson кој може да се добие кај нас), но истовремено е и поефикасен и порафиниран. Ги има сите оние силни атрибути како и верзиите со обични мотори со внатрешно согорување, но благодарение на хибридниот погон, тука чувството е дека сè е некако.. Подобро!
И токму затоа остануваме на ставот дека ова е верзијата на Tucson која треба да ја изберете. Да, хибридот е поскап, но подобар е од конвенционалните верзии на секој можен начин – помоќен, побрз, поефикасен па дури и попрактичен. Затоа, да не се расправаме многу-многу – изберете хибрид!
Спецификации
Модел: | Hyundai Tucson HEV 1.6 T-GDI Vision |
Мотор: | 1.6-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри |
Моќност: | 180 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
Системска Моќност: | 230 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 265 Nm / 1500 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски, 6 брзини |
Забрзување 0-100 км/ч: | 8 секунди |
Максимална Брзина: | 193 километри на час |
Должина: | 4500 mm |
Ширина: | 1865 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1650 mm |
Тежина: | 1564 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2680 mm |
Багажен Простор: | 616 – 1795 литри |
Потрошувачка: | 5.8 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Hyundai Tucson 1.6 T-GDI Comfort – 23.900 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Hyundai Tucson HEV 1.6 T-GDI Vision – 34.900 Евра |
Повеќе Информации: | Hyundai-MK.mk |
Фотографии