Mercedes-Benz го претстави новиот Citan, со кој ја заокружува понудата на комерцијални возила на германскиот бренд.
Како и минатата генерација, и новиот Citan е базиран на докажаниот Renauilt Kangoo. Сепак, иако дел од каросеријата е ист, сепак Citan добива редизајнирани преден и заден дел, како и надградена кабина. Мораме да признаеме дека тековниот дизајнерски јазик е прилично успешно имплементиран и кај новиот Citan – кој во повисоките нивоа на опрема добива LED предни светла и грст други нови напредни технологии.
Секако, бидејќи се работи за комерцијално возило, многу внимание е посветено на практичноста и товарниот капацитет. Citan е долг 4490 милиметри и има меѓуоскино растојание од 2716 милиметри, а ќе се нуди и варијанта со продолжено меѓуоскино растојание за уште повеќе простор. Citan Panel Van може да пренесе предмети долги до 3.05 метри. Вкупно нуди 2.9 кубни метри простор и може да пренесува до 1.5 тони.
Кабината е редизајнирана и воопшто не наликува на онаа кај Kangoo. На централната конзола е поставен мултимедијален уред со MBUX систем, а „цивилниот“ Citan Tourer има пет засебни седишта со преклоплива задна клупа. Секако, Citan ги добива и напредните системи за асистенција на Mercedes-Benz – од Hill Start Assist и Active Brake Assist, преку Blind Spot Assist и Lane Keep Assist, па сè до Active Distance Assist Distronic кој овозможува автономно управување во некои услови.
Сите погонски единици ги исполнуваат строгите Euro 6d норми. Достапен ќе биде шест-степен мануелен менувач и 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка. Понудата на мотори е базирана на еден 1.5-литарски турбодизел и еден 1.3-литарски турбо-бензинец. Дизелот се нуди во три конфигурации – со 75, 95 или 116 коњски сили (односно 230, 260 и 270 Nm вртежен момент), додека бензинецот се нуди со 102 или 131 коњска сила (односно 200 или 240 Nm вртежен момент).
Mercedes-Benz најави и целосно-електрична верзија која ќе се вика eCitan и која ќе пристигне на пазарот во втората половина од следната година. Овааа верзија ќе може да помине до 285 километри со полни батерии и ќе може да се наполни од 10 до 80% за само 40 минути.