Од Opel кажуваат дека Rocks-e е ново електрично возило за нови времиња во градот!
Во суштина, новиот електричен градски автомобил на Opel е ребрендирана верзија на сестринскиот модел од Citroen, но со доза германски вкус. Исто како и францускиот модел, и Opel Rocks-e е класифициран како квадрицикл.
Под пластичните панели се крие батериски модул со капацитет од 5.5 kWh, како и мал електромотор кој испорачува само 8 коњски сили. Сето ова го прави Rocks-e да биде вистински урбан шампион – со едно полнење на батериите може да помине до 75 километри, а и да постигне максимална брзина од 45 километри на час. Батеријата се полни на обичен приклучок за струја за околу 3.5 часа.
Малиот Rocks-e e долг само 2.4 метри и широк само 1.39 метри, и има радиус на вртење од само 7.2 метри, и со тоа е вистинското решение на урбаниот метеж. Всушност, од Opel кажуваат дека Rocks-e e SUM – што значи Sustainable Urban Mobility (Одржлива Урбана Мобилност).
Од Opel најавуваат дека ќе се нуди во три изведби – Base, Klub и TeKno. Продажбата ќе започне оваа есен во Германија, а на останатите пазари ќе пристигне во текот на следната година. Бидејќи е класифициран како квадрицикл, достапен ќе им биде и на помладите возачи – односно од Opel кажуваат дека Rocks-e ќе може да биде Мојот Прв Opel.