Како што претходно најавивме, Германскиот бренд го претстави новиот Taigo во Европа, кој се продава во Јужна Америка под името Nivus.
Volkswagen го претставува Taigo како првиот купе кросовер лансиран во малиот сегмент на возила. Тој е базиран на истата MQB платформа како T-Cross, но благодарение на пониската линија на кровот, поголемата должина и широчина, како и позаоблените линии добива поспортски изглед.
Сепак, позаоблената линија на кровот резултира со помал капацитет на багажникот, така што Taigo нуди простор од 438 литри, за разлика на T-Cross кој нуди 455 литри.
Неговиот ентериер е идентичен со обновената верзија на Polo. Како таков, доаѓа со најновата генерација на MIB3 мултимедијалниот систем, прикажан на сериски 6.5-инчен или опционален 9.2-инчен екран на допир со безжично Apple CarPlay и Android Auto поврзување.
Главните информации за возачот се прикажани на целосно дигитален брзиномер, а како опција ќе се нудат контроли на допир за клима уредот и IQ.Drive пакет, кој содржи голем број на системи за асистирање при возење.
Новиот Taigo ќе биде достапен само со преден погон, во избор со два различни бензински агрегати. Тоа се 1.0-литарскиот три-цилиндарски TSI агрегат со 94 или 109 кс, како и 1.5-литарскиот четири-цилиндарски TSI агрегат со 148 кс.
Најосновниот агрегат со 94 кс ќе биде искомбиниран со стандарден рачен менувач со пет степени, додека пак моторот со 109 кс ќе нуди избор помеѓу шест степена мануелна или седум-степена DSG трансмисија со двојна спојка.
Иако цените не се сеуште објавени, очекувано е Taigo да чини малку повеќе од T-Cross кога Volkswagen ќе започне да прифаќа нарачки во последната четвртина од оваа година. Првите примероци ќе пристигнат во почетокот на наредната година.