Премиера: Audi ја претстави новата генерација на RS3 со 400 коњски сили – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Audi ја претстави новата генерација на RS3 со 400 коњски сили

Германскиот бренд ги претстави новите Sportback и Sedan варијанти од најжешкиот компактен модел RS3.

Започнувајќи од екстериерот, новиот RS3 се разликува од останатите изведби на A3 благодарение на поширокиот бодикит со поагресивни браници, црното лице на предниот дел, специјалната „шаховска“ графика на LED светлата и темните 19-инчни фелни.

Во внатрешноста продолжуваат спортските измени, па така новиот RS3 доаѓа со кожен волан со зарамнето дно и алкантара, а како опција може да се добие и црвена лента на највисоката точка. Спортските RS седишта обезбедуваат поголема поддршка во свиоци, а опционалниот Design пакет носи црвени или зелени детали.

Дигиталниот 12.3-инчен екран позади воланот прикажува нови информации, како гравитационите сили, времињата за круг и забрзување, а опционалниот head-up дисплеј има светлечки индикатор за промена на степени.

Покрај тоа, централниот 10.1-инчен екран на допир ги прикажува температурите на разладната течност, моторното и маслото во менувачот, како и притисокот на пневматиците.

Под поклопецот повторно е сместен 2.5 TFSI агрегатот, кој сега произведува 400 кс во опсег од 5,600 до 7,000 вртежи и максимален вртежен момент од 500 Nm помеѓу 2,250 и 5,600 вртежи во минута. Агрегатот е усогласен со рекалибрирана S-tronic трансмисија со двојна спојка, која ја испраќа силата кон сите четири тркала.

Новите RS3 верзии се способни да забрзаат од 0-100 км/ч за само 3.8 секунди, што ги прави 0.3 секунди побрзи од нивните претходници и 0.1 секунда побрзи од главниот конкурент Mercedes-AMG A45 S. Максималната брзина е електронски ограничена на 250 км/ч, но може да биде надградена на 280км/ч или 290 км/ч како дел од RS Dynamic пакетот.

Поврзано:  Audi направи тешка одлука, ќе ја затвори фабриката во Брисел

Најважната вест кај новата генерација е RS Torque Splitter елементот, кој го заменува задниот диференцијал од неговите претходници со пософистициран електронски контролиран пакет со посебни спојки на секое задно погонско вратило и независни контролни единици.

Оваа конфигурација дозволува активно и целосна варијабилна распределба на вртежниот момент на секое од задните тркала. Покрај подобрувањето на агилноста и намалувањето на подуправувањето, тука е и нов „RS Torque Rear“ дрифт режим, кој може да ја испорача целата сила кон едно од задните тркала.

Стандардната RS суспензија доаѓа со нови амортизери, покрути лежишта, и систем со вентили за побрз одзив. RS3 e е поставена 10 милиметри пониско од S3 и 25 милиметри пониско од A3. Поголемиот дел од купувачите најверојатно ќе се одлучат за опционалната адаптивна суспензија, која доаѓа со прилагодлива контрола на амортизерите.

Нарачките за новите Audi RS3 Sportback и RS 3 Sedan ќе започнат од средината на Август, додека првите испораки се очекува да стартуваат на Есен. Основната цена во Германија започнува од 60,000 евра за Sportback и 62,000 евра за Sedan верзијата.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.