ТЕСТ: Jaguar F-Pace 20d Prestige – Редефиниција на британскиот луксуз. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Jaguar F-Pace 20d Prestige – Редефиниција на британскиот луксуз.

Ако со лансирањето на F-Pace, Jaguar покажа што може да направи со еден луксузен SUV, тогаш со неговото освежување британскиот бренд докажа дека доследно работи на дополнително усовршување на својот најпродаван модел.

Ова не е прв пат да седнеме зад воланот на F-Pace – „стариот“ модел неколку пати се појави на нашите страници – еднаш со 240, еднаш со 180-коњски турбодизел. Уште при првиот контакт, F-Pace ни се допадна. Ни се допадна неговиот достоинствен, кралски дизајн, ни се допадна и динамичноста… Всушност, при вториот контакт со F-Pace, рековме дека заслужено е најпродаваниот модел на Jaguar.

Достоинствената резервираност на F-Pace е вистинскиот премиум!

Со неодамнешниот фејслифт на F-Pace, Jaguar одлучи дека нема „многу-многу“ да си игра со успешната формула, барем кога станува збор за дизајнот на екстериерот. Но тоа не значи дека дизајнерите биле мрзливи – напротив, внимателно работеле на ситни, но значителни измени кои иако се мали, сепак прават голема разлика.

Сакате пример? Па, кај постариот F-Pace, поклопецот на моторот завршуваше неколку сантиметри над решетката, а сега рабовите им се допираат – визуелно, тоа резултира со „почиста“ предница и полуксузен идентитет. Предните светла се редизајнирани, со Double-J дневни LED светла, задните светлосни елементи се модернизирани и имаат футуристичка графика, браниците се нијанса поагресивни со поголеми отвори за воздух…

Во време кога некои од конкурентите се обидуваат да го привлечат вниманието со агресивни, дури би рекле и вулгарни дизајни, достоинствената резервираност на F-Pace е вистинскиот премиум. Всушност, неколку пати сме рекле дека F-Pace ни е еден од омилените модели во сегментот – и сега, со затегнатиот дизајн, ни се допаѓа уште повеќе!

Поврзано:  Jaguar C-X75 повторно се враќа

Вистинските измени се во ентериерот.

Но вистинските измени се во ентериерот. Сега F-Pace навистина се истакнува – не само меѓу останатите модели на Jaguar – туку и меѓу конкурентите. Избраните материјали и завршната обработка се на објективно повисоко ниво, а редизајнираниот управувач, новиот Pivi Pro мултимедијален уред и новите дигитални инструменти навистина го издигнуваат амбиентот скалило погоре.

Веќе го нема кружниот селектор за брзините. Сега добиваме малку поконвенционална рачка која во реално, секојдневно користење е попрактична и полесна за употреба. Лево од менувачот е старт-копчето, додека десно од него е селекторот на режимите за возење.

Меѓу големиот дисплеј од Pivi Pro уредот и менувачот се поставени контролите за клима-уредот. Контролите за клима уредот се физички и нема потреба да се „буричка“ низ бесконечни менија на мултимедијалниот уред (како кај некои од конкурентите). Искрено, ова е пријатно место за седење, а F-Pace и понатаму е еден од најкомфорните модели – како на предната, така и на задната клупа. Патниците на задната клупа ќе имаат повеќе од доволно простор како за колената, така и за главите.

Изборот на материјали е најмалку едно скалило погоре од досега – сè што ќе допрете е одлично текстурирано и обвиено во фина кожа или некој друг луксузен материјал. Посветено е многу, многу внимание како на визуелните, така и на хаптичките впечатоци кои F-Pace ги остава, а сето тоа има една единствена цел – во кабината да Ви биде убаво, и да сакате пак и пак и пак да се вратите во неа.

F-Pace и понатаму е еден од најдинамичните модели во класата. Вистинско уживање е да се „бркаат“ свиоци – дури и во SUV!

Но каков е F-Pace зад управувачот? Инженерите на Jaguar посветиле внимание како на рафинираноста, така и на управливоста. Освежениот F-Pace може да се пофали со забележително подобрена звучна изолација, а може да добие и систем за активно негирање на бучавоста (Active Noise Cancelling). Сето ова придонесува кон навистина тивка кабина, дури и при повисоки, крстосувачки брзини. Од друга страна, кога ќе го насочите F-Pace кон свиоци – како да не возите SUV.

Управувањето е респонзивно и не е вештачки пре-асистирано, па знаете што прават тркалата. Навалувањето е импресивно контролирано, иако F-Pace сега подобро ги впива нерамнините од патиштата. Интересно е како F-Pace се однесува максимално неутрално, без наклонетост ниту кон подуправување, ниту кон надуправување. Од свиок во свиок, F-Pace лесно изнудува насмевки. Всушност, „се фативме“ како ловиме свиоци!

Поврзано:  Jaguar C-X75 повторно се враќа

Ревизија и за погонските единици – возиме MHEV турбодизел со 204 коњски сили.

Со освежувањето, своја ревизија добија и погонските единици. Добро-познатиот 2-литарски турбодизел сега испорачува 204 коњски сили и моќни 430 Nm вртежен момент, кои пак ги „испраќа“ кон сите четири тркала преку 8-брзински автоматски менувач. Забрзувањето до 100 километри на час трае точно 8 секунди, додека максималната брзина е 210 километри на час. Она што изненадува е леснотијата со која моторот го задвижува 1.9 тони тешкиот F-Pace – а тоа се должи како на моќта на моторот, така и на одмерените степени на пренос на автоматскиот менувач.

За време на тестирањето, ние измеривме просечна потрошувачка од нешто под 8 литри дизел на 100 изминати километри – повеќе од респектабилни резултати, каде заслуга има и 48-волтниот лајт хибриден (MHEV) систем кој генерира дополнителен вртежен момент за да помогне при забрзување и да ја олесни работата на моторот.

Најсериозно, F-Pace поставува стандарди.

И сега, ајде да донесеме заклучок. Освежувањето на F-Pace е одлично темпирано и му дава „нов живот“ на доминантниот британски SUV. Измените се забележителни – особено во кабината. За оние кои сакаат SUV, но не сакаат да се откажат од динамичното управување, ниту пак од рафинираноста на еден компетентен крстосувач, F-Pace е навистина комплетен продукт. Едноставно – ни се допаѓа. Ни се допаѓа и како изгледа, ни се допаѓа и како е зад управувачот, а ни се допаѓаат и новите технологии.

Зошто кажуваме дека F-Pace го редефинира британскиот луксуз? Одговорот е едноставен – со новиот дизајн и новата кабина, како и моќните високо-технолошки погонски решенија, F-Pace поставува нови стандарди за тоа што треба да очекуваме од еден ваков, аристократски автомобил.

Спецификации

Модел: Jaguar F-Pace 20d Prestige
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 204 коњски сили / 4000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 430 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 8 секунди
Максимална Брзина: 210 километри на час
Должина: 4747 mm
Ширина: 2175 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1664 mm
Тежина: 1951 килограм
Меѓуоскино Растојание: 2874 mm
Багажен Простор: 650 – 1731 литри
Потрошувачка: 8.7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Jaguar F-Pace SE 20d MHEV 163 AWD – 65.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Jaguar F-Pace SE 20d MHEV 204 Prestige AWD – 88.098 Евра
Повеќе Информации: mk.Jaguar.com
Поврзано:  Jaguar C-X75 повторно се враќа

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.