Rimac и Bugatti заедно ќе ја пишуваат иднината! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Rimac и Bugatti заедно ќе ја пишуваат иднината!

По неколкумесечните шпекулации, конечно и официјално – Rimac и Porsche започнуваат заедничка компанија во која ќе биде вклучен и Bugatti!

Oliver Blume од Porsche и Мате Римац потпишаа договор и го најавија новиот производител на хипер-автомобили – Bugatti-Rimac. Новата компанија ќе биде со седиште во Хрватска и ќе биде официјализирана во четвртата четвртина од оваа година, откако ќе бидат поминати сите регулаторни процеси. Rimac ќе биде сопственик на 55% од компанијата, додека учеството на Porsche ќе биде 45%, со напомена дека Porsche веќе е сопственик на 24% од Rimac.

Oliver Blume од Porsche изјави – „Ја комбинираме експертизата на Bugatti во бизнисот со хипер-автомобили со неверојатната иновативна моќ на Rimac во ветувачкото поле на електрична мобилност. Bugatti е бренд со богата традиција, лојални купувачи и глобални дилери, додека Rimac ќе придонесе со нови развојни и организациски пристапи.“

Под капата на Bugatti-Rimac на почетокот ќе се произведуваат два модели – Bugatti Chiron и електричната Rimac Nevera, а производството на возилата на Bugatti и понатаму ќе се одвива во фабриката во Molsheim, Франција.

Mate Rimac, основачот и извршен директор на Rimac Automobili изјави – „Ова е навистина возбудлив момент. Rimac Automobili порасна многу брзо и оваа заедничка компанија нè носи на сосем ново ниво. Bugatti и Rimac се одлично усогласени и двете компании придонесуваат значително – се поставивме како пионир во индустријата за електрични технологии, додека Bugatti има повеќе од еден век искуство во развој на врвни автомобили, и со себе носи исклучителна традиција која е уникатна во автомобилската индустрија. Заеднички ќе ги искористиме нашите искуства, технологии и ресурси за да направиме навистина специјални автомобили во иднината!“

Поврзано:  Денови на електромобилност во East Gate Mall

Кога ќе биде оформена, новата компанија ќе има околу 430 вработени – 300 во Загреб и 130 во Molsheim. Извршен директор ќе биде Мате Римац, а Oliver Blume и Lutz Meschke од Porsche ќе бидат членови на надзорниот одбор на Bugatti-Rimac.

Важен ден за автомобилската индустрија!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.