ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави караванот 308 SW! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави караванот 308 SW!

Практична и секси – караванската изведба на новиот 308 може да се пофали со багажен простор со капацитет од 608, односно дури 1634 литри!

308 SW е поставен на истата платформа како и новиот 308, но е значително подолг. Тоа се должи на меѓуоскиното растојание кое е продолжено за цели 55 милиметри, како и задниот дел кој е подолг за цели 21 сантиметри. Сето тоа резултира со вкупна должина од 4.64 метри и пештерски багажен простор – дури 608 литри со исправени задни седишта, односно 1634 литри кога ќе ги спуштите. Интересно, поради продолжената каросерија, караванот има и нијанса подобар коефициент на аеродинамика.

Инаку, дизајнот на караванот ги следи агресивните дизајнерски линии на новиот хечбек. Силуетата е очигледно продолжена, а задниот дел е дискретно редизајниран – веќе го нема црниот панел меѓу задните светла, додека новото лого на францускиот бренд е поставено меѓу светлата, наместо под нив како кај хечбекот. Секако, кабината го добива најновиот i-Cockpit, а 308 SW ги добива и сите нови напредни системи за асистенција во возењето кои ги нуди Peugeot.

Во однос на погонските единици, 308 SW ќе може да се добие со неколку различни мотори. Бензинската понуда ја сочинува 1.2-литарскиот PureTech турбо-бензинец кој може да се добие со 110 или 130 коњски сили, а тука е и 1.5-литарскиот BlueHDI турбодизел кој исто така испорачува 130 коњски сили. Основниот бензинец може да се добие само со мануелен менувач, додека сите други верзии може да се комбинираат и со EAT8 автоматски менувач.

За оние кои сакаат помодерно и поефикасно решение, 308 SW е достапен и во две плаг-ин хибридни варијанти, со 180 или 225 коњски сили. Овие верзии користат 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 160 или 180 коњски сили, во комбинација со електромотор кој испорачува 110 коњски сили. Двете верзии имаат батерија со капацитет од 12.4 kWh, која пак овозможува автономија на електрична енергија од 60 километри според WLTP.

Поврзано:  ТЕСТ: Peugeot 208 1.2 Puretech Active - Храброст и боја во градското сивило

Новиот 308 SW ќе се произведува во фабриката на Peugeot во Милуз, Франција и ќе пристигне на пазарот до крајот на оваа година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.