Електричниот ID.3 е особено значаен автомобил – не само за Volkswagen, туку и за автомобилската индустрија и возачите ширум светот. Зошто? Бидејќи токму со ID.3, односно со MEB платформата на која е поставен, Volkswagen наметнува демократизација на електричните возила.
Очекувањата се големи. Навистина нема поинаков начин да се каже тоа. Очекувањата се големи – всушност, Volkswagen го најави тоа уште кога го лансираше ID.3. Според Volkswagen, по легендарната Буба и безвременскиот Golf, токму ID.3 би требало да е следниот Big Deal автомобил во историјата на германскиот производител.
MEB ќе се користи за цела лепеза на модели.
Со ID.3 се појави и MEB (Modularer E-Antriebs-Baukasten на германски, ако веќе морате да знаете) платформата наменета исклучиво за електрични возила – платформа која не само што ќе ја користат и другите брендови во рамките на Volkswagen Групацијата (веќе се претставени Skoda Enyaq iV, Cupra Born и Audi Q4 E-Tron, како и Volkswagen ID.4 кој воедно е и светски автомобил на годината за 2021), туку германскиот гигант веќе започна да ја лиценцира и на други брендови – Ford ќе лансира најмалку еден модел базиран на MEB, а не се исклучени ниту дополнителни модели во иднина. А што значи сето ова за купувачите? Па, избор, секако – а со поголемиот избор, доаѓаат и пониски цени. Кога пред неколку години челниците на Volkswagen го најавија ID.3, најавија дека ќе чини колку добро-опремен Golf со дизелски мотор – и токму тоа и се случи.
MEB платформата всушност овозможува прилично импресивна модуларност. Достапни се неколку различни големини на батерии, но и неколку различни погонски опции. Кај Volkswagen ID.3, можете да изберете меѓу една од три батерии – основната верзија е со батерија со капацитет од 45 kWh која нуди автономија од 350 километри, „средната“ варијанта е со батерија од 58 kWh и автономија од 425 километри, додека на самиот врв е верзијата со батерија од 77 kWh и максимални 544 километри автономија. Во зависност од одбраната батерија ќе добиете електромотор кој испорачува меѓу 145 и 204 коњски сили.
ID.3 изгледа футуристички, но веќе е „одомаќен“ на улиците.
Инаку, ID.3 сè уште е релативно нова појава на нашите улици, но сепак веќе забележуваме неколку примероци. Интересно, германскиот електричен хечбек успева истовремено да изгледа тотално футуристички, но и како да е „одомаќен“ на улиците. На предниот дел доминираат неговата „насмевка“ и широките, хоризонтални IQ.Light LED светла кои ги спојува заедничка LED лента, од кои пак карактерната линија преку профилот се движи кон задниот дел и долгиот (но сепак дискретен) спојлер и широките задни светла.
Формата е малку конзервативна, но затоа е практична и нуди многу, многу простор, а двобојната комбинација одлично „ги разбива“ работите. Всушност, ќе го повлечеме зборот – ID.3 воопшто не е конзервативен. Напротив, ID.3 е храбар современик на електричната иднина. Ставот е изненадувачки широк, а сликата за урбан автомобил ја надополнуваат и големите тркала.
Темелно дигитализирана кабина, одлична просторна понуда и импресивна леснотија во возењето.
Внатре во ID.3 нè пречекува темелно дигитализирана кабина. Се сместуваме во комфорното возачко седиште и „на прв поглед“ е малку несекојдневно. Пред возачот е поставен (по денешните стандарди) мал дигитален дисплеј, додека на централната конзола е поставен втор, поголем.
Но има логика позади лудилото на Volkswagen – возачот ги гледа само оние информации кои му се потребни, а поважните информации околу навигацијата се пренесуваат на големиот Head Up Дисплеј кој се проектира директно на ветробранското стакло.
Скоро сите други функционалности се контролираат преку централно-поставениот уред – и можеби „на прва“ е малку конфузен, но за само неколку минути станува логичен и разбирлив. Тука се сите потребни модерни технологии – од навигацијата и информациите околу патувањето, па сè до безжичнo Apple CarPlay и Android Auto поврзување кое функционира одлично.
Секако, ID.3 ужива и во придобивките во однос на просторната понуда. Бидејќи батериите се поставени во подот, а електромоторот е поставен меѓу задните тркала, има многу, многу простор во кабината, како и во багажникот. Седењето на задната клупа е нијанса повисоко од очекуваното, но тоа пак гарантира дека и патниците на задната клупа ќе имаат одлична прегледност. Багажникот? Не е направен никаков компромис, односно ID.3 е точно во срцето на класата – 385 литри, односно 4 литри повеќе од Golf.
Дали имаме некакви забелешки? Секако, но тие се ситни – некои од контролите кои се чувствителни на допир понекогаш доцнат со реакциите, но очекуваме дека тоа ќе биде испеглано во понатамошни софтверски надградби. Би посакале и нормални, физички контроли за некои команди – како на пример за радиото, но трендовите се такви какви што се. Во однос на материјалите и завршната обработка – навистина немаме никакви негативни коментари.
Моќен електомотор!
Ние поминавме неколку денови со врвната изведба – односно верзијата со батерија со капацитет од 77 kWh, како и електромотор кој испорачува 204 коњски сили и 310 Nm вртежен момент. Нашето искуство покажа дека со полни батерии можеме да очекуваме околу 420-430 километри автономија – и тоа без „пензионерско“ возење ниту штедење на клима-уредот. Го користевме ID.3 како секој друг автомобил, за да ги видиме неговите вистински можности. А можностите не се за занемарување – 100 километри на час пристигнуваат за повеќе од респектабилни 7.9 секунди, додека максималната брзина е 160 километри на час.
Од друга страна, реалноста е дека ID.3 е лесен за секојдневно користење – самиот ќе се отклучи кога ќе му се прибилижите, нема ништо толку „традиционално“ како стартување на автомобилот, едноставно кога ќе ја притиснете кочницата за да префрлите во Drive тој е подготвен да тргне, и сè е ориентирано кон лесно и едноставно возење. Едноставно – „да не се замарате“. Влегувате во автомобилот, на контролерот до управувачот бирате дали сакате да одите нанапред или наназад – и тоа е тоа. Сите системи работат беспрекорно – од системот за следење на коловозната лента, па сè до адаптивниот радар кој дури и во град се прилагодува на сообраќајот и возилата околу вас.
Кога сме веќе кај движењето – има нешто посебно кај возење електричен автомобил. Целосното отсуство на вибрации од моторот сè уште ни е нова работа – и секој пат ни се допаѓа. Едноставно, мора да се искуси за да се разбере, верувајте. Плус, Пауза и Плеј педалите се неверојатно фраерски детал!
И уште еден плус – возењето електричен автомобил е забавно. Инстантната реакција на секое притискање на педалата за забрзување (бидејќи не е педала за гас, нели) изнудува насмевка и електричните автомобили се побрзи од многу други автомобили кои „на хартија“ би требало да имаат предност. Бидејќи силата директно се пренесува на тркалата и нема конвенционална трансмисија, забрзувањето е инстантно, линеарно и неуморно. Сакале или не, голема е веројатноста да бидете на прво место на секое Семафорско Гран При…
А да, и не смееме да заборавиме – погонот е на задните тркала. Да, ова е Volkswagen со погон на задните тркала. И се познава – во свиоци предниот дел многу подготвено реагира, а чувството дека задниот дел „бутка“ е дефинитивно таму. Плус, има нешто малку „непристојно“ кај зализгување на тркалата на Volkswagen во свиоци. Ни се допаѓа! Да, во оние моменти кога ќе претерате, системот за контрола на стабилноста дискретно ќе ве опомене да седите мирни, но во суштина – бидете одмерени и внимателни – и ова е Volkswagen со кој може да се има сосем поинаква забава зад управувачот! ;)
Ајде да зборуваме за бројките и за полнењето…
Е сега, ајде да ја направиме и „математиката“. За време на неколкудневното дружење со ID.3, борд-компјутерот покажа дека просечната потрошувачка на електрична енергија е 18 kWh на 100 изминати километри. Ако го преведеме тоа во финансиски мерни единици – т.е. Пари – ќе дојдеме до резултатот дека (ако го полниме ID.3 на „евтина струја“) 100 километри чинат само 63.5 денари. А ако го полниме ID.3 на јавно-достапните полначи кои во моментов се бесплатни – тогаш возењето е бесплатно.
Да одиме и чекор понатаму – бидејќи нема конвенционален мотор со внатрешно согорување, нема ниту масло, нема ниту филтер за масло, филтер за гориво, ниту пак филтер за воздух. А тоа значи дека и редовните сервиси се значително поевтини. Во споредба со конвенционален автомобил, возењето електричен автомобил е неколкукратно поевтино и поисплатливо…
И сега, по сето ова, треба да донесеме некаков заклучок. Ајде прво со оној неизбежниот муабет дека барем кај нас, електричните автомобили сè уште не се практична алтернатива. Но… Дали е навистина така? Еве, ID.3 може да помине повеќе од 420 километри со полни батерии. Всушност, може и повеќе, но еве, да бидеме конзервативни. И 420 километри не се доволни? Тоа значи дека би го полнеле ID.3 еднаш на 10-тина дена и дека комфорно и без грижа ќе стигнете до повеќето дестинации во Македонија, а ќе успеете и да се вратите.
Полначи нема премногу, но има – само ЕВН има 40-тина низ целата земја, а најавени се и нови. Секако, можете да си вградите полнач и во вашиот дом, ако имате услови – и цената на полначот може да биде вклучена во цената на ID.3. Значи, полека но сигурно оние митови дека „електричните автомобили не се практични“ се разбиваат. Секако, потребно е да се сменат навиките на користење на возилото, но тоа и не е толку страшно. Секој ден ги полниме мобилните телефони и сличните други гаџети, зошто да не ги полниме и автомобилите?
Плус, како што сме спомнале неколку пати до сега, една од „финтите“ на користење електрично возило е да не дозволите батериите да се испразнат до крај. Полнењето е најефикасно и најбрзо во распонот од 5% до 80%, па искористете ја секоја шанса да ги дополните. Навечер сте дома? Ставете го ID.3 на полнач. Одите во шопинг? Полнач. Одите во Зоолошката Градина? Повторно, полнач. Макар и пола час или час, ќе дополните нешто.
А кога сме кај полнењето, во зависност од изведбата, ID.3 може да се полни со максимална моќност од 125 kW. Таквите полначи се реткост кај нас, но почнува да ги има – и на таков полнач ID.3 се полни за помалку од еден час. Во домашни услови „закачен“ на полнач со моќност од 11 kW, би се наполнил за околу 7 часа, односно преку ноќ – и тоа е ако батеријата е целосно испразнета.
Најважни електрични возила се оние кои ќе им бидат достапни на сите.
Конечно, полека но сигурно доаѓаме до заклучокот. Реалноста е дека сите ние ќе мораме да прифатиме дека електричните возила се неизбежната иднина на мобилноста. Сакале ние или не – за само 5 години многу работи веќе ќе бидат сменети. Е сега, знаејќи го тоа – и ако во целата равенка ја додадеме и големината на Volkswagen и инвестициите кои ги прави во електричните возила, како и целата гама на модели кои германскиот гигант ќе ги понуди, а ќе бидат базирани на MEB платформата станува јасно зошто велиме дека токму со ID.3 започнува вистинската демократизација на електричните возила.
Да, големи и скапи луксузни електрични возила се интересни, но уште поинтересни – и би рекле уште поважни – се електричните возила кои ќе им бидат достапни на сите. А токму ID.3 е вистинскиост вовед во тоа. Неговата комбинација од повеќе-од-задоволителна автономија, врвни практичност и просторност и супер-ниски трошоци за експлоатација го прават еден од најкомплетните електрични понуди на пазарот. Плус – и Volkswagen значката значи нешто.
Всушност, кој е нашиот став? По неколку денови поминати со ID.3, уште од утре би прифатиле секојдневно да возиме електрично возило. Тоа кажува повеќе од доволно. Не, не – тоа кажува сè.
Спецификации
Модел: | Volkswagen ID.3 Pro S 77 kWh Tour |
Погон: | Електромотор 150 kW, батерија 77 kWh |
Моќност: | 204 коњски сили |
Вртежен Момент: | 310 Nm |
Менувач: | Автоматски, директен |
Забрзување 0-100 км/ч: | 7.9 секунди |
Максимална Брзина: | 160 километри на час |
Должина: | 4262 mm |
Ширина: | 1809 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1552 mm |
Тежина: | 1859 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2795 mm |
Багажен Простор: | 385 литри |
Автономија: | 540 километри според WLTP |
Цена на основниот модел: | VW ID.3 Pure Performance 110 kW 45 kWh – 36.997 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Volkswagen ID.3 Pro S 77 kWh Tour – 52.044 Евра |
Повеќе Информации: | Volkswagen.com.mk |