ТЕСТ: Volvo XC40 T5 Recharge PHEV Inscription – Самоуверен чекор кон иднината! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volvo XC40 T5 Recharge PHEV Inscription – Самоуверен чекор кон иднината!

Не криеме дека сме фанови на плаг-ин хибридните возила – па со задоволство поминавме викенд во друштво на плаг-ин хибридниот Volvo XC40 T5 Recharge.

Ајде да расчистиме на самиот старт – многу добро знаеме дека плаг-ин хибридните возила не се идеалното решение, и не одговараат на сечиј животен стил. Редовно се критикувани од оние кои не ги разбираат и не сакаат правилно да ги користат – но кога правилно ќе експлоатирате плаг-ин хибриден автомобил, тогаш има навистина многу придобивки. За да го извлечете максимумот од вашето плаг-ин хибридно возило, треба редовно да го полните. Секој ден, доколку можете – за секое утро да го започнете со полна батерија и 40-50 километри автономија на струја. А ако така го започнете денот, тогаш ќе уживате во „беспари“ возењето и рафинираноста на електричниот погон.

Не ни е прв пат зад управувачот на XC40 – и сè уште изгледа свежо и современо!

Инаку, ова не е прв пат да седнеме зад управувачот на Volvo XC40 – пред нешто повеќе од две години за прв пат го возевме најмалиот SUV на Volvo и уште тогаш ни се допадна неговиот шведски пристап кон нештата. Во целата гама на Volvo, XC40 има своја приказна и свој идентитет – од вертикалната предна решетка па сè до интересните задни светла. Сега, скоро три години подоцна, XC40 сè уште изгледа свежо и современо – а тоа се должи пред сè на чистиот, скандинавски, less is more пристап кон дизајнот!

Ни се допадна и црвената боја на тестниот модел – во време на здодевни сиви, бели и црни автомобили, ваквите бои се вистинско освежување. Единствената замерка која ја имаме е на дизајнот на тркалата – едноставно, не ни се допаѓаат „двобојните“ алуминиумски тркала.

Скандинавска, комфорна и привлечна кабина

Секако, ни се допаѓа и кабината. Тука веќе работите се многу слични како и кај другите модели на Volvo – дигитални инструменти пред возачот, централно-поставен мултимедијален уред, супер-комфорни седишта и многу внимание посветено на деталите.

Поврзано:  ТЕСТ: Volvo EX30 Twin Motor Performance AWD Ultra - Најбрзото Volvo во историјата!

На пример, одлично изгледа кристалната рачка на менувачот, а има и практични моменти – како на пример поставените отвори за оставање дребулии во вратите – ситен детал, но прави чуда за да се намалат непотребните тропкања во кабината.

Ергономијата е одлична – лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, командите се лесни за користење и прегледноста е сосем задоволителна. Дури и мултимедијалниот уред е прилично едноставен за користење, а доаѓа и со Android Auto и Apple CarPlay поврзување. На задните седишта ќе се сместат двајца (и во „шкрипец“ и тројца) патници, а багажниот простор е сосем дарежлив – исто како и кај обичниот XC40, преку правилен и широк отвор ќе имате пристап до меѓу 460 и 1336 литри капацитет.

Сè тоа е супер, но каков е плаг-ин хибридниот погон?

Ајде да зборуваме за она најважното – а тоа е плаг-ин хибридниот погон. Т5 Recharge погонот кој се вградува во XC40 комбинира 1.5-литарски три-цилиндерски турбо-бензинец (всушност, сметајте дека ова е добро-познатиот 4-цилиндерски турбо-бензинец на Volvo, но со „отсечен“ еден цилиндер) со електромотор и батерија. Бензинецот испорачува одлични 180 коњски сили при 5800 вртежи во минута, додека електромоторот испорачува дополнителни 82 коњски сили и 160 Nm вртежен момент.

Батеријата е со капацитет од 10.7 kWh, односно околу 8 kWh се достапни, а ваквата комбинација овозможува погон на електрична енергија од околу 45 километри, односно околу 40 километри во реални услови на возење. Ако 40 километри ви се доволни за дневните потреби – тогаш возењето на XC40 е помалку или повеќе бесплатно, особено ако ги користите јавните полначи кои во моментов се сè уште бесплатни.

Е сега, ајде да ја направиме „математиката“ за трошок ако го полните XC40 во домашни услови (и на „евтина струја). Ако XC40 троши 8 kWh за да помине 40 километри, значи дека за 100 километри би му биле потребни околу 20 kWh. Во моментот на објавување на овој тест, 1 kWh на евтина тарифа чини 2.99 денари + ДДВ, односно 3.52 денари, а по оваа математика 100 километри би чинеле (грубо, секако) само 70 денари!

Поврзано:  EX60 ќе биде првото возило на новата SPA3 платформа на Volvo

Математиката „на пумпа“ е уште поинтересна – ако редовно ги полните батериите, нема да потрошите повеќе од 2.5-3 литри бензин на 100 изминати километри. Но ние одлучивме да направиме еден мал експеримент и да провериме што ќе се случи ако намерно ги испразниме батериите „до крај“ и го возиме XC40 како обичен, самополнечки хибриден автомобил – и во тој случај, тој троши само 5.5 литри бензин на 100 изминати километри. А тоа е одличен резултат за SUV кој забрзува до 100 километри на час за 7.3 секунди и постигнува максимални 180 километри на час!

Ефикасно и економично. А перформансите?

Перформансите се уверливи – притиснете ја силно педалата за гас и комбинацијата од турбо-бензинецот и електромоторот ќе ве „забијат“ во седиштето во оној момент кога XC40 ќе заграби нанапред. Како што рековме – „стотка“ за 7.3 секунди, и тоа без никакво напрегање.

Управувањето е доволно директно и прецизно, а каросеријата е одлично контролирана во свиоци – и покрај тоа што XC40 нема некои нагласени спортски претензии, туку тука главниот акцент е даден на комфорот и уживањето во опуштеното возење. Звучната изолација е одлична (и ова дополнително се истакнува кога возиме на струја) а суспензијата е прилагодена да ги филтрира нерамнините од подлогата.

Заклучок: Volvo најави дека иднината е електрична, а ова е силен и уверлив чекор во таа насока!

И по сето тоа, ајде да ја заокружиме дискусијата. XC40 ни се допадна уште првиот пат кога го возевме. Ни се допаднаа скандинавскиот дизајн, шведскиот пристап кон нештата и посветеноста кон леснотијата на возењето. Сега, во оваа конфигурација, XC40 T5 Recharge го носи сето тоа еден (не баш мал) чекор понатаму – хибридниот погон не само што значи евтино возење, туку значи уште поголема рафинираност, уште поголемо уживање и уште понагласено премиум чувство. Volvo веќе најави дека иднината е електрична – а по она кое го гледаме, XC40 T5 Recharge е силен и самоуверен чекор во таа насока!

Поврзано:  ТЕСТ: Volvo EX30 Twin Motor Performance AWD Ultra - Најбрзото Volvo во историјата!

Спецификации

Модел: Volvo XC40 T5 Recharge Inscription FWD
Погон: 1.5-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Електромотор + Батерија
Моќност: МВС: 180 коњски сили / 5800 вртежи во минута
ЕМ: 82 коњски сили
Системски: 262 коњски сили
Вртежен Момент: МВС: 265 Nm / 1300 вртежи во минута
ЕМ: 160 Nm
Системски: 425 Nm
Менувач: Автоматски, 7 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 7.3 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4425 mm
Ширина: 2034 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1652 mm
Тежина: 1812 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2702 mm
Багажен Простор: 460 – 1336 литри
Потрошувачка: 2.7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Volvo XC40 T2 Mommentum – 31.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Volvo XC40 T5 ReCharge PHEV Inscription – 53.350 Евра
Повеќе Информации: volvocars.com/mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.