Гамата на SSC Tuatara се зголемува со претставувањето на новите Striker и Aggressor варијанти.
Tuatara Striker зема инспирација од повеќенаменскиот „strike“ борбен авион и се одликува со силни перформанси, на тркачката патека, но и на јавните патишта.
Споредено со стандардната Tuatara, потисната сила е зголемена трикратно на околу 500 килограми при брзини од 257 км/ч. Ова е постигнато благодарение на екстензивен аеродинамички пакет кој содржи голем преден сплитер, странични крилца, аеродинамични странични прагови и поголем заден дифузер.
Речиси 55 проценти од потисната сила е концентрирана во задниот дел, а според SSC тоа овозможува подобрен баланс, предвидливост и извонредна доверба во стабилноста.
Измените продолжуваат и во кабината, каде моделот ќе добие специјални елементи. SSC не објавија детали, но тука ќе бидат многу површини од алкантара, како и опционален инструмент панел од карбон фибер.
Силата доаѓа од 5.9-литарски V8 со 1,750 кс. Тој е усогласен со роботизиран седум-степен мануелен менувач, кој врши промена на степени на пренос за помалку од 100 милисекунди.
Доколку тоа не е доволно, тука е Tuatara Aggressor, наменета исклучиво за тркачките патеки. Таа е всушност дополнително надградена верзија на Striker и нуди уште поекстремни перформанси. Моделот има и тркачки ентериер со заштитен кафез и тркачки седишта со појаси на заклучување во пет точки.
Најголемата новост е опцијата за надградба на твин-турбо V8 моторот. Надградбата ја зголемува испораката на сила на 2200 кс – но за жал SSC не објави повеќе детали за тоа.