Германската тјунинг компанија ABT Sportstline претстави пакет со естетски елементи и додатоци за надградба на перформансите на Audi SQ7.
Започнувајќи од погонската единица, тој содржи нова компјутерска единица која ја зголемува силата и вртежниот момент на 4.0-литарскиот твин-турбо V8 агрегат на 650 кс и 850 Nm, идентично како неговиот италијански „роднина“ – Lamborghini Urus.
Тоа претставува зголемување за 150 кс и 80 Nm од стандардниот SQ7, кој постигнува забрзување од 0-100 км/ч за 4.1 секунда. ABT не ги објави бројките од новото време за забрзување, но би требало да е исто како нивниот тјуниран SQ8, кој постигнува 100 км/ч за 3.8 секунди на патот кон неговата максимална брзина од 270 км/ч, што е за 20 км/ч повеќе од стандардниот модел.
Што се однесува до естетските измени, тие вклучуваат аеродинамични елементи, кои дискретно го изменуваат изгледот. Тука се вклучени преден спојлер, странични прагови и додатоци на задниот браник, а тука се и елементи за минимално проширување на страничните крила.
Покрај тоа, пакетот содржи и четири издувни цевки со дијаметар од 102 милиметри и 22-инчни фелни со ABT централни капаци, обвиени во Continental пневматици. Црната боја на големиот SUV е придружена со контрастни црвени клипови на сопирачките и „SQ7“ ознака на решетката.
И на крај, „ABT“ старт копчето го заокружува пакетот, кој може да се нарача заедно со кросоверот по цена од 121,319 евра во Германија – без вклучен данок, секако.