ТУРБО ТЕСТ: KIA Xceed 1.5 T-GDI 160 Reference 1 – Вистинскиот погон за xCeed! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТУРБО ТЕСТ: KIA Xceed 1.5 T-GDI 160 Reference 1 – Вистинскиот погон за xCeed!

Веќе добро го познаваме KIA Xceed, но кога ни се укажа можоста да го пробаме новиот, 1.5-литарски турбо-бензинец со 160 коњски сили, со задоволство ја прифативме понудата!

Ова не е прв пат да седнеме зад управувачот на Xceed – кога дебитираше на нашиот пазар седнавме во врвната Launch Edition изведба, за потоа да се дружиме и со основниот Xceed Vision со 1-литарскиот T-GDI со 120 коњски сили. Сега, неколку месеци подоцна повторно сме зад управувачот на Xceed, но овој пат во навистина интересна изведба – односно, со навистина интересен мотор.

Пристапот кој македонскиот импортер на KIA – KIA Motors Македонија – го има кон продажбата е за поздрав. Подготвено одговараат на барањата и потребите на купувачите, а токму новиот 1.5-литарски турбо-бензинец е директен пример за тоа. Кажуваат дека купувачите сакаат помоќен мотор кај Xceed, па кога веќе го има, зошто да не го понудат?

Нов, моќен и исклучително ефикасен 160-коњски турбо-бензинец!

Под поклопецот се наоѓа нов, 1.5-литарски T-GDI турбо-бензинец кој неодамна дебитираше кај моделите на KIA. Четири-цилиндерскиот турбо-бензинец испорачува одлични 160 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 253 Nm вртежен момент од само 1500 вртежи во минута.

Во комбинација со – повторно ќе напоменеме – одличниот 6-брзински мануелен менувач, овој мотор му овозможува на Xceed да забрза до 100 километри на час за рамно 9 секунди и да постигне максимални 209 километри на час. Повеќе од респектабилни перформанси!

Истовремено, бензинецот работи мазно и силата ја испорачува прилично линеарно. Бидете во соодветниот степен на пренос, темелно запознајте ја педалата за гас со патосникот и ќе почувствувате како се „закопувате“ во комфорните седишта. А ако мислите дека сето ова ќе биде наградено со „пенали“ на бензинските пумпи – ќе се излажете.

За време на неколкудневното дружење измеривме просечна потрошувачка од едвај 7 литри на 100 километри, додека индикаторот за долгорочна потрошувачка во нашиот тестен автомобил покажа просечна потрошувачка од само 6.4 литри на 100 километри!

Поврзано:  ТЕСТ: KIA Picanto 1.2 5MT Concept - Добрите нешта доаѓаат во мали пакувања!

Златно-жолтата Quantum Yellow боја одлично му прилега на Xceed

Инаку, Kia Xceed и понатаму ни се допаѓа – дизајнот изгледа свежо и несекојдневно, особено во оваа фантастична златно-жолта Quantum Yellow боја. Ние најверојатно би додале број-два поголеми тркала, но тоа е тоа. Во кабината добиваме аналогни инструменти, централно-поставен мултимедијален уред со вклучени Apple CarPlay и Android Auto, како и сите можни системи за асистенција во возењето и олеснување на манервирањето.

Ентериерот е тивок, рафиниран и комфорен. Предните седишта се исклучително комфорни, додека на задната клупа сосем доволно место ќе имаат двајца (па и тројца, во „тесно“) патници. Xceed и понатаму е еден од најдарежливите во класата кога станува збор и за багажникот – со исправени седишта имате на располагање 426 литри, а со преклопена задна клупа одлични 1378 литри.

Xceed е забавен зад управувачот – и ние секогаш би избрале ваков кросовер наместо голем, висок и тежок SUV.

Во возење, Xceed е бескомпромисно неутрален, без никаква наклонетост ниту кон подуправување, ниту кон надуправување, а границите се лесно-препознатливи и Xceed едноставно нема да приреди непријатно изненадување.

Суспензијата и зголемената оддалеченост од подлогата скоро гарантираат комфор во возењето, без притоа да е напаравен компромис во однос на динамичноста и управувањето. Дали регуларниот Ceed ќе биде подиректен зад управувачот? Најверојатно, но и она кое го нуди Xceed е навистина импресивно – ги следни насоките од возачот без никаков приговор. Флуидноста на линиите се преточуваат во флуидност од свиок во свиок – и навистина, ние секој пат би избрале ваков кросовер наместо конвенционален, тежок и висок SUV.

Поврзано:  Македонска ренесанса на Kia Picanto!

Заклучок: Ова е вистинскиот погон за Xceed!

И навистина – тоа е тоа. Новиот 1.5-литарски турбо-бензинец е идеалниот, вистинскиот погон за xCeed. Комбинира одлични перформанси со изненадувачки ефикасност и економичност, а нели тоа е тоа кое го бараме?

Спецификации

Модел: KIA Xceed 1.5 T-GDI 160 Reference 1
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 160 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 253 Nm / 1500 – 4000 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
0-100 км/ч: 9 секунди
Максимална Брзина: 208 километри на час
Должина: 4395 mm
Ширина: 1826 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1485 mm
Тежина: 1416 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2650 mm
Багажен Простор: 426 – 1378 литри
Потрошувачка: 7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: KIA Xceed 1.0 T-GDI 120 Reference 1 – 19.950 Евра
Цена на тестираниот модел: KIA Xceed 1.5 T-GDI 160 Reference 1 – 20.950 Евра
Повеќе Информации: KIA.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.