Познатиот Кинески производител на паметни телефони – Huawei го претстави своето прво возило, кое ќе се продава под брендот Seres.
Наречен SF5, моделот е кросовер со електричен погон и бензински генератор на електрична енергија. Тој се одликува со хоризонтални LED предни светла, чија светлечка линија продолжува надолу и се поврзува со големиот отвор за вентилација. Браникот нема препознатлива маска, но доаѓа со многубројни мали отвори за воздух.
Гледан од страна, новиот SF5 има компактна форма со меки линии и облини, задскриени рачки на вратите и задни светла во заедничка хоризонтална контура. Што се однесува до димензиите, тој е долг 4700 милиметри, широк 1930 милиметри и висок 1626 милиметри, што во превод значи дека има слични димензии како Audi Q5.
Во кабината се забележува дигитален инструмент панел позади воланот со два краци. Тука се и површини од дрво, металик детали и ротационен преносник на степени. Другите погодности вклучуваат амбиентално осветлување, ѕвездено небо, предни седишта со греење и масажери.
Бидејќи е развиен од страна на Huawei, кросоверот е опремен со мултимедијален систем со висока технологија. Тој инстантно се поврзува со смартфони и автоматски ја префрла музиката и навигацијата. Тука е и технологија за гласовно распознавање, како и аудио систем со 11 звучници и два сабвуфери.
Зборувајќи за звукот, инженерите обратиле посебно внимание на намалувањето на бучавата и вибрациите. Како дел од оваа цел, моделот е опремен со двослојно предно стакло и голема количина на материјал за звучна изолација. Според компанијата, Seres SF5 може да се пофали со бучава од само 38 децибели кога работи во место.
Зборувајќи за технологијата, новиот кросовер располага со милиметарски брановен радар, ултрасонични сензори и цел асортиман на камери. Тие му овозмоуваат да има прилагодлив темпомат, помош во сообраќај, автоматско итно сопирање, држење во коловозна лента и тревога за опасност од челен судир.
Моделот е погонуван од 1.5-литарски четири-цилиндарски агрегат кој служи како генератор. Тој го храни батерискиот модул, кој пак ги напојува двата електрични мотори со сила од 551 кс и 820 Nm вртежен момент. Ова му овозможува на кросоверот забрзување од 0-100 км/ч за околу 4.7 секунди.
Како последица на ваквата погонска комбинација, SF5 може да патува до 180 км на чисто електрична енергија, како и над 1000 километри во комбиниран режим според новиот европски циклус на возење. Возилото исто така може да се користи и како батерија, која може да дава електрична енергија на сè – од телевизор, па сè до други електрични возила.
Seres SF5 е моментално изложен на автомобилскиот саем во Шангај, а наскоро ќе биде изложен во повеќето салони на Huawei во Кина. Иако делува како интересно возило, не се објавени информации дали ќе се продава и на европските пазари.