ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz го претстави својот нов електричен знаменосец – високо-технолошкиот EQS! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz го претстави својот нов електричен знаменосец – високо-технолошкиот EQS!

Новиот EQS е поставен на целосно-нова, засебна платформа наменета само за електрични возила – и во зависност од изведбата, може да помине повеќе од 700 километри со едно полнење на батериите!

Дизајнот на EQS е вистински исчекор за Mercedes-Benz. Да, веднаш препознавате дека се работи за возило на Mercedes, но дизајнот е футуристички, едноставен и со огромно внимание посветено на аеродинамиката. Формата е чиста и мазна, но неизбежниот Mercedes-Benz идентитет е таму. Коефициентот на отпор на воздухот е само 0.20 Cd!

Да, но какви се технологии? Веќе зборувавме за новиот Hyperscreen кој ја заменува традиционалната централна конзола со еден огромен екран. Но EQS е вистинско технолошко чудо и ги носи сите најнови и најмодерни технологии на Mercedes-Benz. Сакате пример? Кога ги прилагодувате страничните ретровизори, не морате да одберете кој ретровизор сакате да го „наместите“ – само треба да погледнете во него, а автомобилот ќе препознае во кој ретровизор гледате и кој сакате да го прилагодите.

Инаку, EQS доаѓа со огромна батерија со капацитет од 107.8 kWh и ќе се нуди во две изведби – EQS 450 кој добива само еден електромотор поставен на задната оска и располага со 329 коњски сили и 550 Nm вртежен момент, како и моќниот EQS 580 4MATIC кој добива погон на сите четири тркала благодарение на два електромотори кои испорачуваат вкупно 516 коњски сили 828 Nm вртежен момент. Помоќната изведба забрзува до 100 километри на час за 4.1 секунда.

Дополнително, според Mercedes-Benz, WLTP тестирањата покажале дека EQS може да помине до 770 километри со едно полнење на батериите! Двете верзии се ограничени на максимални 210 километри на час. Mercedes-Benz најавува уште неколку изведби – се планира и верзија со помала батерија со капацитет од 90 kWh, како и уште помоќна верзија која би имала над 700 коњски сили и најверојатно би имала AMG ознака.

Поврзано:  Mercedes-Benz CLE Cabriolet пристигна во салонот на Мак Аутостар

Во однос на полнењето – EQS овозможува полнење со максимална моќност од 200 kWh, а од Mercedes-Benz кажуваат дека тоа значи дека ако имате пристап до доволно брз полнач, 300 километри автономија ќе се „наполнат“ за само 15 минути. Секако, EQS ги добива и сите врвни технологии на германскиот бренд – од автономно управување, до управување на сите четири тркала, хед-ап дисплеј со надградена реалност и многу, многу повеќе…

Сето ова значи дека новиот EQS ќе постави нови стандарди во супер-луксузната класа. Врвните технологии, моќниот погон и импресивната автономија го поставуваат на самиот врв на пирамидата на електрични возила. Се надеваме дека набргу ќе пристигне и кај нас!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.