Peugeot неодамна го освежи 3008 – и на еден од своите најпопуларни модели му даде нов лик и грст нови технологии. Ајде да зборуваме за освежениот 3008!
Ние сме меѓу оние кои веруваат дека вистинската офанзива на Peugeot започна пред неколку години токму со новите 3008 и 5008. Токму со овие два модели, Peugeot го воведе новиот дизајнерски јазик и јасно и гласно ги потврди своите цели. Кои беа тие цели? Да се оди „нагоре“ во хиерархијата на производителите и да се понуди вистинско премиум искуство.
Сега, неколку години подоцна, целата гама на Peugeot е нова, современа и технолошки напредна, па дојде ред за затегнување на моделот со кој приказната започна. Но, кога еден модел е толку добар и толку успешен, има ли воопшто потреба од драстични хируршки зафати?
3008 е еден од бестселерите на Peugeot!
Пред да навлеземе во измените, ајде малку контекст на нештата. 3008 и 5008 се вистински бестселери на Peugeot. Продадени се во преку 1.1 милион примероци, од кои дури 800.000 се примероци на 3008. Па знаејќи го ова, но и следејќи ја „старата македонска“ дека ако не е расипано, нема потреба да се поправа, Peugeot внимателно работеше на затегнувањето на брчките на 3008. Дополнително – и можеби уште поважно – Peugeot наметнува избор. #PowerOfChoice стратегијата на францускиот бренд значи дека 3008 може да се добие со модерен турбо-бензински мотор, економичен турбодизел, или пак напреден и супер-ефикасен плаг-ин хибриден погон со 225 или 300 коњски сили!
Визуелните измени се дискретни, но сепак забележителни.
Визуелните измени започнуваат со редизајнираниот преден дел – сега маската на 3008 се „претопува“ во предните светлосни групи, додадени се карактеристичните вертикални LED дневни светла кои асоцираат на лавји заби, а решетката на ладилникот користи хоризонтални елементи за уште повеќе да ја истакне големината на 3008. На задниот дел нема премногу измени – но редизајнирана е графиката за задните светлосни групи уште повеќе да асоцираат на лавји канџи.
Сепак, ние би препорачале некоја попривлечна боја, како и број-два поголеми алуминиумски фелни кои дефинитивно подобро му прилегаат на современиот лик на 3008. Но навистина – немаме забелешки за дизајнот на 3008 – францускиот SUV и понатаму е еден од најавангардните во сегментот.
Супер-модерна кабина, возачот како е обвиен во пилотски кокпит!
Освежувањата во кабината се концентрираат примарно на технологиите со кои може да се добие 3008. Сега 3008 може да се добие со поголем, централно-поставен мултимедијален уред преку кој се контролираат примарните функционалности. За жал, во нашиот тестен автомобил го немаше, но се надеваме дека наскоро ќе имаме можност и самите подобро да го запознаеме.
Инаку, ова е истата онаа добра кабина со која 3008 и претходно можеше да се пофали. Вниманието највеќе оди кон i-Cockpit системот со мал управувач, дигитални инструменти поставени над управувачот и централно-поставен мултимедијален уред. Преовладуваат квалитетни и фини материјали, а завршната обработка е на навистина високо ниво.
Седиштата се исклучително комфорни и нудат одлична поддршка. Всушност, возачот е како „обвиен“ во седиштето и високо-поставената централна конзола, а ова ни е една од омилените кабини во класата. Прегледноста е задоволителна, а онаму каде не е најдобра, тука се сензорите да помогнат.
На задната клупа патниците ќе имаат доволно простор за главите и за колената, но би напоменале дека не е идеално за тројца патници, особено на подолги релации. За пофалба е и багажниот простор – со исправени задни седишта ќе имате на располагање 520 литри, кои растат на одлични 1580 литри со преклопена задна клупа.
Рафиниран и ефикасен турбодизел – но ние би одбрале автоматски менувач.
Со освежувањето, 3008 ја доби и најновата верзија на 1.5-литарскиот BlueHDI турбодизел. Моторот во оваа конфигурација испорачува 130 коњски сили при 3750 вртежи во минута и одлични 300 Nm вртежен момент од само 1750 вртежи во минута.
Во комбинација со 6-степениот мануелен менувач на нашиот тест-автомобил, 3008 постигнува 100 километри на час за 10.8 секунди и постигнува максимални 192 километри на час. Сепак, ние би го одбрале и би го препорачале EAT8 автоматскиот менувач наместо мануелниот бидејќи едноставно повеќе му прилега на карактерот на модерниот SUV.
Сепак, оваа комбинација се покажа како исклучително економична – малиот турбодизел „на рецепција“ пријави само 6 литри на 100 изминати километри!
Инаку возачкото искуство е како и пред освежувањето – односно 3008 успева да го погоди оној идеален баланс меѓу комфор и управливост. Малиот управувач прави да се чувствувате како да сте во многу помало возило, а директноста на самото управување е одлична. Од друга страна, суспензијата успева да ги апсорбира нерамнините од улиците па во кабината не се пренесуваат скоро никакви вибрации. Како и досега, 3008 и понатаму ја менува насоката на движење со ентузијазам кој не е својствен за оваа категорија на возила.
Peugeot одлично „го погоди“ 3008 уште на почетокот – сега само го потврдува покажаното.
Конечно, после сето ова доаѓаме до заклучокот дека Peugeot многу одмерено и внимателно пристапи кон освежувањето на 3008. Зошто? Па кога навистина нема многу-многу за затегнување, треба внимателно да се одбере каде ќе се направат измените. Со новиот лик, новите технологии и ревидираните мотори, освежениот 3008 продолжува со истото темпо како и претходникот. Всушност, со освежувањето на 3008, Peugeot покажа колку добро „го погоди“ овој модел уште на почетокот – и има зошто токму 3008 е еден од бестселерите на францускиот бренд!
Спецификации
Модел: | Peugeot 3008 1.5 BlueHDI Allure |
Мотор: | 1.5-литарски турбодизел, 4 цилиндри |
Моќност: | 130 коњски сили / 3750 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 300 Nm / 1750 вртежи во минута |
Менувач: | Мануелен, 6 брзини |
Забрзување 0-100 км/ч: | 10.8 секунди |
Максимална Брзина: | 192 километри на час |
Должина: | 4447 mm |
Ширина: | 2098 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1624 mm |
Тежина: | 1300 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2675 mm |
Багажен Простор: | 520 – 1580 литри |
Потрошувачка: | 6.4 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Peugeot 3008 1.2 PureTech 130 Active – 25.910 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Peugeot 3008 1.5 BlueHDI 130 Active Pack – 28.633 Евра |
Повеќе Информации: | peugeot.mk |