ПРЕМИЕРА: Toyota го претстави новиот GR 86! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Toyota го претстави новиот GR 86!

Втората генерација на спортското купе на Toyota добива многу, многу новитети – меѓу кои и ново име, но и нов 2.4-литарски мотор!

Toyota повторно соработуваше со Subaru на развојот на спортското купе. Сепак, верзијата на Toyota добива нијанса помускулест лик, како и рекалибрирана суспензија за подинамично управување.

Дизајнот е целосно нов во однос на минатата генерација. Автомобилот е понизок и има значително помускулеста форма, особено на предниот дел каде едноставно доминира големиот отвор за воздух. На задниот дел доминираат големите завршетоци на издувниот систем кои се интегрирани во задниот браник. Сè на сè – формата е спортска и динамична – и ни се допаѓа!

Важен новитет е моторот! 2-литарскиот боксер сега е заменет со поголем мотор со капацитет од 2.4 литри. Овој мотор испорачува 235 коњски сили и 250 Nm вртежен момент, кои ги пренесува кон задните тркала преку мануелен или автоматски менувач. Бидејќи GR 86 тежи само 1270 килограми, од Toyota напоменуваат дека перформансите се значително подобрени, а и управливоста. Цврстината на каросеријата е подобрена за цели 50%!

Но што значи тоа во бројки? 100 километри на час пристигнуваат за 6.3 секунди – забележителни 1.1 секунда подобро од првата генерација. Дополнително, максималниот вртежен момент е достапен од само 3400 вртежи во минута, додека максималната моќност е достапна од 7000 вртежи во минута. „Во црвено“ влегува на 7400 вртежи во минута.

Кабината е функционална и спортска – инженерите на Toyota одлучиле да задржат некои физички контроли за некои од функционалностите, но GR 86 добива и модерен инфозабавен систем. Секако, тука се и неизбежните спортски седишта и целиот грст спортски детали.

Новиот GR 86 ќе започне да се продава во текот на оваа година!

Поврзано:  Toyota е најпродаван производител на автомобили во светот за 2024 година


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.