Во салонот на Fiat во Скопје пристигна целосно-новиот и целосно-електричниот Fiat 500e!
Пристигна целосно-новиот, но и целосно-електричен Fiat 500e! Како што веќе пишувавме, токму со 500e, Fiat ја започнува електрификацијата на брендот и забрзаната трансформација на целата понуда. По лајт-хибридните 500 Hybrid и Panda Hybrid, целосно-електричен 500e е сосем очекуван и логичен следен чекор.
Поставен на целосно-нова платформа, 500е има батериски модул со капацитет од 42 kWh и електромотор со моќност од 118 коњски сили. Според официјалните информации, може да помине 320 километри со едно полнење а со доволно брз полнач 85% од батеријата може да се наполнат за само 35 минути.
Перформансите се идеални за градски автомобил – 100 километри на час пристигнуваат за рамно 9 секунди а максималната брзина е 150 километри на час.
Секако, вашиот 500e можете да го персонализирате и да додадете „еден куп“ лични додатоци. Кабината е целосно редизајнирана – па можеме да добиеме и управувач во две бои, кружни инструменти пред возачот и голем, централно-поставен дисплеј за мултимедијалниот уред.
Стартувањето е на копче, а бидејќи се работи за електричен автомобил, целата кабина е поедноставна и полесна за користење – бидејќи меѓу другото, нема потреба ни за рачка за менувачот.
Fiat 500e ја добива најновата генерација на uconnect мултимедијалниот уред, кој се контролира преку 10.25-инчен дисплеј, а има поддршка и за Apple CarPlay и Android Auto.
Продажбата во Македонија ќе започне следната година, но во меѓувреме навистина се радуваме дека новиот, електричен Fiat 500e пристигна и кај нас!