LF-Z Electrified концептот ја претставува визуелната и технолошката иднина на Lexus – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

LF-Z Electrified концептот ја претставува визуелната и технолошката иднина на Lexus

Lexus го претстави концептот LF-Z, кој го прикажува идниот дизајнерски и технолошки правец на претстојните модели на производителот.

Концептот е поставен на платформа наменета за електрични возила на батерии, која ја користи Direct 4 технологијата за управување со сите четири тркала со цел подиректно да ги контролира тркалата на концептот.

Според Lexus, оваа технологија ја контролира распределбата на сила кон тркалата и може да се прилагоди да ги погонува само предните, задните или сите тркала.

LF-Z ја прикажува еволуцијата на нивниот дизајнерски јазик. Моделот се одликува со силуета на купе-кросовер, додека големата средишна решетка на предниот дел е целосно покриена, но страничните отвори се зголемени.

Гледано од страна, кратките предни и задни надвисоци на возилото, заедно со големите тркала веднаш упаѓаат во око. Задниот дел на концептот е посебно интересен, бидејќи е составен од комплексни хоризонтални  LED светлосни групи со трето стоп светло позиционирано вертикално во браникот, a исто така и на перката на задното ветробранско стакло.

Инспирацијата за ентериерот била добиена од запрегите на коњите, како и односот помеѓу коњот и неговиот јавач. Она што е најзабележливо е воланот со форма на рогови од бик, многуте прекинувачи на него, како и комплексен хедап дисплеј.

Заедно со премиерата на LF-Z, Lexus го објави планот да претстави 20 нови или подобрени модели до 2025. Повеќе од 10 од нив ќе бидат електрифицирани, вклучувајќи електрифицирани со батерија, plug-in хибриди и традиционални хибриди, во зависност од потребите на посебни земји и региони низ светот.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.