Новиот голем електричен автомобил на KIA забрзува до 100 километри на час за само 3.5 секунди!
EV6 е поставен на E-GMP платформата на корејскиот гигант, која пак овозможува 400 или 800-волтно полнење. Според најавеното, овој систем овозможува полнење од 10 до 80 проценти за само 18 минути, а 100 километри автономија се добиваат со полнење од само 4.5 минути. EV6 добива и нов систем за одржување на температурата, кој му овозможува на електричниот автомобил да има 80% од автономијата која ја има при 25 степени, дури и при -7 степени.
Karim Habib, одговорниот за дизајн во KIA кажа дека EV6 е шемата за идните модели и иднината на брендот. Новата Opposites United дизајнерска филозофија на брендот наметнува комбинација од остри стилски елементи и скулпурни форми. На предниот дел вниманието оди кон светлосните елементи и нискиот браник со големи отвори за воздух. Профилот е низок и нуди интересна комбинација од форми на купе и хечбек, а „лебдечкиот“ кров ја нагласува современоста на EV6. На задниот дел вниманието оди кон големите, мулти-дименизонални светлосни групи, а целиот автомобил има интересна, несекојдневна форма – спротивностите навистина се привлекуваат.
Кабината добива 12-инчен панел со инструменти и 12-инчен централно поставен мултимедијален уред. Двата уреди се со закривени екрани, а според KIA, системите ќе овозможат Over-The-Air надградби и услуги во реално време. Управувачот е футуристички и целата кабина е намерно минималистичка. EV6 добива Relaxation Seats кој се направени од специјални материјали и рециклирани пластики. Купувачите можат да нарачаат и многу премиум компоненти – како на пример Meridian аудио уред со 14 звучници. Приказната ја заокружуваме со багажник од 520 литри, односно преден багажник со капацитет од 52 литри.
Според најавеното, KIA ќе го нуди EV6 со неколку различни погонски опции. Стандардната конфигурација е со батерија со капацитет од 58 kWh и задно-поставен мотор од 170 коњски сили и 350 Nm. Верзијата со погон на сите четири тркала добива два мотори за вкупна моќност од 235 коњски сили и 605 Nm. Оваа верзија забрзува до 100 километри на час за 6.2 секунди.
Скалило погоре е батеријата со капацитет од 77.4 kWh, која овозможува верзија на заден погон со 228 коњски сили и 350 Nm, односно верзија со погон на сите четири тркала, 325 коњски сили и 605 Nm. Оваа верзија забрзува до 100 километри на час за 5.2 секунди и поминува 510 километри според WLTP мерењата.
На самиот врв е EV6 GT кој се нуди исклучиво со поголемата батерија и погон на сите четири тркала. Оваа конфигурација има системска моќност од одлични 585 коњски сили и 740 Nm вртежен момент. Оваа верзија забрзува до 100 километри на час за 3.5 секунди и постигнува максимални 260 километри на час. Според официјалните мерења, може да помине до 405 километри со едно полнење на батериите.