Неодамна го возевме новиот Yaris во хибридна изведба. Деновиве повторно се дружевме сo Yaris, но овој пат опремен со 1.5-литарски бензинец кој испорачува одлични 125 коњски сили. Какви се впечатоците?
Новиот Yaris веќе добро го познаваме. Пред само неколку месеци го возевме во хибридна изведба и ни остави навистина позитивни впечатоци – ни се допаднаа дизајнот и управливоста, но и комфорот на јапонскиот градски хечбек.
Но лесно е да Ви се допадне автомобил со напреден хибриден погон. Бидејќи сакавме да дознаеме повеќе за Yaris и за неговите поконвенционални изведби, поминавме ден-два со примерок придвижуван од 1.5-литарски атмосферски бензинец кој испорачува одлични 125 коњски сили.
1.5-литарски атмосферски бензинец со 125 коњски сили
Новиот три-цилиндерски, 1.5-литарски атмосферски бензинец испорачува 125 коњски сили при 6600 вртежи во минута и 153 Nm вртежен момент од 4800 вртежи во минута. Реакциите при притискањето на педалата за гас се очекувано-брзи и чувството е дека испорачува и повеќе од декларираната моќност. Силата ја пренесува кон предните тркала преку одличен и прецизен 6-степен мануелен менувач, а според официјалните податоци Yaris опремен со овој мотор забрзува до 100 километри на час за рамно 9 секунди и постигнува максимални 180 километри на час.
Дополнително, кога од Yaris ќе ги извадите сите они тешки компоненти потребни за хибридниот погон, тој тежи само 1040 килограми – а сите знаеме колку многу значи ниската тежина кај еден автомобил. Ниска тежина значи подобра управливост, полесно маневрирање и подобрена ефикасност. За време на неколкудневното дружење со Yaris ние измеривме просечна потрошувачка од едвај 7 литри на 100 километри – и тоа во градски услови, без штедење. Во оние моменти кога се „посветивме на задачата“ и пробавме да ја намалиме потрошувачката, таа беше значително поблиску до 6 литри на 100 километри!
Бензинскиот Yaris е скоро 250 килограми полесен од хибридниот – а тоа значи повеќе забава зад управувачот!
Намалената тежина позитивно влијае и на управливоста. Да, хибридниот Yaris е прилично директен зад управувачот, но „бензинскиот“ е уште позабавен. Сеќавањата од хибридниот Yaris сè уште ни се свежи, а бидејќи обичниот Yaris е цели 250 килограми полесен – разликите лесно се забележуваат. Леснотијата со која Yaris втрчува од свиок во свиок и ја менува насоката е за респект, а малиот бензинец го надополнува искуството со подготвеноста да „врти“ и да го понуди максимумот.
Да, перформансите не се вчудовидувачки, но 9 секунди „до стотка“ е сосем респектабилно, особено во градски автомобил. Менувачот е прецизен и вистинско задоволство е да се менуваат брзините, а моторот работи рафинирано и мазно, и не се пренесуваат никакви вибрации во кабината.
Комфорна и просторна кабина и многу опрема.
Инаку, истите оние вредности кои ги носи и хибридниот Yaris се присутни и тука – кабината е комфорна и просторна, нивото на завршна обработка е одлично и сè на сè, кабината е пријатно место за минување време и километри. Возачот седи ниско – дури спортски – и сето тоа придонесува кон чувството дека ваквиот Yaris дури може да се смета и за некаков хот хеч.
Немаме забелешка ниту на опременоста – го добиваме истиот 8-инчен мултимедијален уред како кај хибридниот Yaris, но и мануелен клима уред, комфорни седишта, управувач и менувач обложени со кожа, електрично задвижување на сите прозорци и електрично нагодување на страничните ретровизори, загревање на возачкото и совозачкото седиште, повеќе од доволно простор и на задната клупа, сите системи за активна и пасивна безбедност кои Toyota ги нуди и многу, многу повеќе.
Ни се допадна и екстериерот на бензинскиот Yaris. Двобојната комбинација на овој модел ни се допадна повеќе од сино-белата комбинација на хибридниот модел (која во нашите очи беше малку „џандарска), но би додале и број поголеми алуминиумски тркала за сликата да биде комплетна. Инаку, сликата за екстериерот ја комплетираат и LED предните и задни светла, а ни се допаднаа и страничните ретровизори кои се во истата боја како и кровот.
1.5-литарскиот Yaris е посебна приказна!
Ајде да ја заокружиме дискусијата. Да, Toyota е позната по хибридните автомобили и (барем според нас) сосем е логично секогаш прво да се разгледува хибридна изведба на моделите на јапонскиот бренд. Но навистина, би направиле голема грешка ако ги заобиколиме конвенционалните модели – и Yaris опремен со 1.5-литарскиот бензинец одлично до докажува тоа.
Комбинацијата од ниска тежина. Мануелен менувач и 125 коњски сили го прави ваквиот Yaris да биде безмалку хот хеч и му овозможува да понуди вистинска забава зад управувачот. Кога на сето тоа ќе ја додадеме и ниската потрошувачка, тогаш навистина станува јасно дека Yaris со 1.5-литарскиот бензинец е посебна приказна!
Спецификации
Модел: | Toyota Yaris 1.5 125 Chic XTRA BiTON |
Мотор: | 1.5-литарски бензинец, 3 цилиндри |
Моќност: | 125 коњски сили / 6600 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 153 Nm / 4800 вртежи во минута |
Менувач: | Мануелен, 6 брзини |
0-100 км/ч: | 9 секунди |
Максимална Брзина: | 180 километри на час |
Должина: | 3940 mm |
Ширина: | 1695 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1500 mm |
Тежина: | 1040 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2550 mm |
Багажен Простор: | 286 литри |
Потрошувачка: | 7 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Toyota Yaris 1.0 72 Light – 12.490 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Toyota Yaris 1.5 125 Chic XTRA BiTon – 16.190 Евра |
Повеќе Информации: | Toyota.com.mk |
Фотографии