Кога Ford пред скоро две години најави дека Puma ќе доживее модерна реинкарнација во форма на компактен спортски SUV, сите ние бевме изненадени. Но дали всушност новата Puma воопшто заслужува да го носи тоа име?
Маааааалку постарите читатели со задоволство ќе се навратат на оригиналната Ford Puma. Малото спортско купе кое ја делеше платформата со тогашната Fiesta се произведуваше од 1997 до 2002 и за тие неколку години успеа да привлече многу фанови ширум светот. Сега, скоро 20 години по пензионирањето на оригиналната Puma, приказната не е многу различна.
Добро, добро, различна е. Puma веќе не е спортско купе – сега е спортски компактен SUV. Но.. Такви се времињата! Она што е слично е дека и сега како и тогаш, Puma ја дели платформата со Fiesta. Новата, модерна Fiesta, секако. А тоа значи дека основата е многу, многу добра.
Мускулеста интерпретација на дизајнерскиот јазик на Ford.
Сепак, ајде прво за тоа како Puma изгледа. Веднаш се препознаваат дизајнерските елементи од Fiesta, но сепак интерпретацијата тука е многу помускулеста. Набабрените крила и широките колкови ѝ даваат на Puma исклучително динамичен став – како да е подготвена да скокне и да нападне. На предниот дел вниманието оди кон големите предни светла и големата предна маска на ладилникот.
Профилот е низок и купеовски, а на задниот дел вниманието го привлекуваат задните светла со неколкуслојна графика. Ние најверојатно би избрале некоја друга боја – сина ѝ стои одлично и многу подобро ќе се забележуваат формите – како и можеби нијанса поспортски тркала, но сè на сè, дизајнот на Puma „ни легна“. Сигурно изгледа уште подобро во ST-Line или ST изведба!
Добро-познат ентериер со спортска возачка позиција.
Ја отвораме вратата и нè пречекува добро-познат ентериер. Кабината на Puma е навистина слична на онаа кај Fiesta – но тоа не е никаква забелешка, баш напротив. Со најновите генерации на моделите на Ford се забележува значително унапредување на материјалите во кабината – и истото важи и за Puma. Скоро сè што ќе допрете е обвиено во фин и мек материјал.
Пред возачот се поставени аналогни инструменти со мал дигитален дисплеј меѓу нив, каде се прикажуваат главните статистики околу возењето. На врвот на централната конзола е поставен 8-инчниот мултимедијален уред со навигација, поврзување со паметен телефон и Apple CarPlay, под него се физичките контроли за клима-уредот (јеее!) и рачката од автоматскиот менувач.
Возачката позиција е задоволувачки ниска и единствената забелешка која ја имаме е на рачката од автоматскиот менувач – малку е пониска во однос на сите други команди. Инаку, прегледноста е сосем задоволителна, а онаму каде е направен компромис поради дизајнот, помагаат паркинг-сензорите.
На задната клупа повеќе простор отколку во Fiesta, но сепак не би ја препорачале Puma за тројца патници на задните седишта.
За двајца ќе има сосем доволно простор. Немаме забелешки ниту на багажникот – багажниот простор е достапен преку прилично голем отвор и има капацитет од 456 литри, а дел од приказната е иновативниот Megabox кој е поставен под подот во багажникот.
Мегабоксот можете да го употребите при кампување – да го наполните со мраз и пиво, да речеме, или нешто слично. Во нашиот автомобил таму имаше резервно тркало – но можете да бидете креативни, нели?
1-литарски EcoBoost турбо-бензинец со 125 коњски сили и автоматски менувач
Ајде малку за моторот. Нашиот тестен автомобил дојде со одличниот 1-литарски EcoBoost кој во оваа конфигурација испорачува 125 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 200 Nm од само 1400 вртежи во минута.
Силата ја пренесува кон предните тркала преку 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка. Веќе добро го познаваме 1-литарскиот EcoBoost на Ford и неговите перформанси се повеќе од одлични – малиот три-цилиндерски мотор лесно и подготвено реагира на секое притискање на педалата за гас, а официјалните податоци говорат за забрзување до 100 километри на час за 10.2 секунди и максимална брзина од 187 километри на час.
Во Eco режим Puma е нагодена да е што е можно поопуштена за возење – менувачот мазно ги менува брзините а реакцијата на притискањето на педалата за гас е пригушена. Но префрлете во спортски режим и Puma го менува карактерот – подолго ги задржува вртежите, брзините ги менува спортски и брзо, а управувањето добива нијанса повеќе отпор.
Puma едноставно ќе ве насмее зад управувачот!
Кога сме кај управувањето – повторно се наметнува реалноста дека Ford едноставно знае да „го погоди“ овој детал. Управувањето е директно и прецизно и успева да пренесе навистина изненадувачки многу информации од подлогата. Од свиок во свиок, точно знаеме што прават предните тркала – чувството е дека Puma се движи по асфалтот со елеганција и динамичност на… Па, пума.
Суспензијата успева да пренесе доволно информации за да знаете што се случува, но во кабината во ниту еден момент не е некомфорно. Ќе ги почувствувате оние работи кои треба, но не и оние кои не треба – и всушност, чувството во Puma e баш онакво, спортско! И конечно, немојте да мислите дека ова ќе резултира со висока потрошувачка. За време на неколкудневното тестирање, борд-компјутерот ни покажа просечна потрошувачка која едвај надмина 7 литри на 100 километри – и таа бројка лесно може да оди уште надолу.
Ford не згреши. Новата Puma е навистина Puma на модерното време!
И сега – откако сите колективно го надминавме шокот дека Puma веќе не е купе, туку спортски SUV – каков е заклучокот? Па, прилично позитивен. Да, Ford одлучи да го воскресне името Puma и одлучи тоа да биде во форма на SUV – но дали згреши? Секако дека не. Трендовите се такви какви што се, а купувачите ги сакаат ваквите возила. Кога на сето тоа ќе ги додадеме и интересниот, динамичен дизајн, одличните возни својства и забавните мотори, станува јасно дека новата Puma целосно го заслужува името. Го заслужува, бидејќи како што рековме – таа е Puma на модерното време.
Спецификации
Модел: | Ford Puma 1.0 EcoBoost 125 A7 Titanium |
Мотор: | 1-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри |
Моќност: | 125 коњски сили / 6000 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 200 Nm / 1500 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски со двојна спојка, 7 брзини |
0-100 км/ч: | 10.2 секунди |
Максимална Брзина: | 187 километри на час |
Должина: | 4207 mm |
Ширина: | 1930 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1534 mm |
Тежина: | 1326 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2588 mm |
Багажен Простор: | 456 – 1216 литри (+ 81 литар од мегабокс) |
Потрошувачка: | 7.1 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Ford Puma 1.0 EcoBoost Titanium 125 M6 – 21.600 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Ford Puma 1.0 EcoBoost 125 A7 Titanium – 26.540 Евра НАПОЕМНА: Во моментот на објавување на овој тест, акциската цена за ваков модел е 23.390 Евра. |
Повеќе Информации: | Ford.mk |