Пристигна информација од Mitsubishi и Renault, во која брендовите кои се дел од заедничка алијанса објавија дека францускиот бренд ќе произведува ребрендирани возила за Mitsubishi наменети за европскиот пазар.
Алијансата која ја сочинуваат Renault, Nissan и Mitsubishi објави и потврди дека токму Renault ќе произведува и испорачува два модели за Mitsubishi, наменети за европскиот пазар. Од алијансата не потврдуваат точно за кои модели се работи, ниту пак каде ќе се произведуваат, но потврдија дека ќе се произведуваат покрај „сестринските модели на Renault во истите фабрики и на истите платформи, но со доволно диференцијација за да се задржи препознатливиот лик на Mitsubishi“.
„Mitsubishi Motors со задоволство ги пречекува моделите на Renault наменети за европскиот пазар, како и новите купувачи. Mitsubishi Motors во моментов прави структурни реформи во Европа и нашата одлука да го замрзнеме развојот на новите возила за Европа која ја објавивме во Јули 2020 останува. Сепак, новиот договор за испорака со Renault ќе ни овозможи да понудиме нови продукти развиени и произведени во Европа покрај нашите тековни модели.“ – изјави Takao Kato, извршниот директор на Mitsubishi Motors.
Како што рековме, не знаеме точно за кои модели се работи, ниту кога тие модели ќе пристигнат во салоните – но очекуваме некакви официјални информаци во следниве неколку месеци.