Со неодамнешното освежување на Tipo, Fiat ја воведе и изведбата кросоверската изведба Cross. Ајде да зборуваме за најинтересната изведба на италијанскиот хечбек!
Кросоверите базирани на постоечки автомобили не се ништо ново – всушност, „едно време“ беа вистински хит меѓу купувачите. Но еве нè, десеттина години подоцна – и сите сакаат некаков SUV. Но прашањето кое самото се наметнува е „дали ни е потребен уште еден голем, тежок SUV кој никогаш нема вистински да го употребиме?“. Одговорот на тоа прашање доаѓа токму во формата на ваквите автомобили – автомобилите како FIAT Tipo Cross.
Целината е многу повеќе од збирот на нејзините делови
Плус, Tipo е особено важно име за Fiat, а тековната генерација се покажа како популарна кај купувачите. Комбинацијата од одлична просторна понуда, докажана механика и привлечни цени едноставно не остави друга опција – купувачите го сакаат Tipo, а самиот факт дека редовно го гледаме по улиците е одличен сведок токму за тоа.
Е сега, што всушност е Tipo Cross? На прв поглед ќе помислиме дека е само обично Tipo со „нафрлени“ заштитни панели околу целата каросерија и малку повисока суспензија, но по малку повеќе посветено внимание препознаваме дека е всушност и повеќе од тоа – односно дека целината е повеќе од збир на индивидуалните делови.
Освежениот дизајн носи нови визуелни елементи
Ајде прво за дизајнот. Со освежувањето, Tipo доби грст нови технологии, кои пак се преточуваат во нови визуелни елементи. На предниот дел го забележуваме новото лого на Fiat, но и нови, предни светла со LED технологија. Околу целиот автомобил има заштитни панели во црна и сатенски-сребрена боја, а добиваме и нови предни светла за магла.
На задниот дел добиваме нови светла со LED технологија, дискретен заден спојлер, нова Cross значка, а на кровот добиваме и носачи во сатенски-сребрена боја. Ни се допаѓа контрастот на белата каросерија со црните панели и црните тркала – Tipo Cross изгледа освежено и модерно.
Но – како што би рекле на телевизиските реклами – тоа не е сè! Впечатокот за кросовер го надополнува и зголеменото растојание од подлогата, а тоа навестува дека Tipo Cross е подготвен да го напушти асфалтот.
Темелно освежена кабина – нови технологии, нови материјали и истата одлична просторна понуда
Одиме внатре! Кабината ни е од една страна добро позната, но од друга страна е темелно освежена. Ајде да започнеме со седиштата кои се специфични за Tipo Cross – ќе ги пофалиме дека се исклучително комфорни и дека нудат одлична поддршка, а возачкото седиште има и нагодување за лумбална поддршка.
Новитет е и панел со инструменти пред возачот со централно-поставен дигитален дисплеј, како и нов мултимедијален уред на централната конзола. За среќа, кабината ги задржува физичките контроли за клима уредот, а многу внимание е посветено и на ревизија на материјалите во кабината – скоро сите цврсти пластики се заменети со материјали кои се помеки и попријатни на допир. Единствената директна забелешка која ја имаме се однесува на пластиките на вратите, кои и понатаму се цврсти.
Од другата страна, Tipo и понатаму е еден од најпросторните автомобили во класата. Благодарение на (за класата) натпросечното меѓуоскино растојание, Tipo нуди многу простор и на задната клупа, како и во багажникот.
Патниците на задната клупа ќе имаат повеќе од доволно простор за главите и колената, а кога ќе ја отворите големата петта врата ќе ве пречека багажник со капацитет од 440 литри. Отворот на багажникот е широк и голем, па внесување и поголеми предмети не би требало да биде никаков проблем.
Нов 1-литарски турбо-бензинец!
Пред да зборуваме за искуството зад воланот, ајде да продискутираме за новиот 1-литарски турбо-бензинец кој дебитира токму кај Tipo. Новиот 3-цилиндерски турбо-бензинец на Fiat испорачува 100 коњски сили при 5000 вртежи и 190 Nm од 1500 вртежи во минута. Во комбинација со 5-степениот мануелен менувач овозможува забрзување до 100 километри на час за 12.2 секунди и максимална брзина од 183 километри на час.
Во реални услови на користење, чувството е дека „малото бензинче“ сосем лесно го задвижува 1200-килограми тешкиот Tipo Cross. Благодарение на вртежниот момент достапен од само 1500 вртежи во минута, моторот подготвено реагира на секое притискање на педалата за гас и без никаков напор ги извршува задачите. Плус, новиот мотор се покажа и како исклучително ефикасен – за време на тестирањето измеривме просечна потрошувачка од малку над 7 литри на 100 изминати километри. Ќе ја пофалиме и рафинираноста – иако е со три цилиндри, работи мирно и испеглани се сите вибрации кои обично се карактеристични за ваквите мотори. Работа одлично завршена!
Tipo Cross е лесен за возење, нуди забава зад управувачот, а може да продолжи и кога ќе заврши асфалтот.
Е сега, каков е Tipo Cross зад управувачот? Изненадувачки агилен! Меките команди го прават исклучително лесен за користење, суспензијата успешно филтрира голем дел од нерамнините, а ќе ја пофалиме и подобрената звучна изолација.
Tipo Cross може да понуди и забава зад управувачот – да, ќе треба почесто да менувате брзини за да ги одржите идеалните вртежи, но ќе бидете наградени со повеќе од адекватни перформанси и дури привлечен звук од малиот мотор. Управувањето не е премногу зборлесто, но сепак е доволно директно и прецизно и станува задоволство да се оди од свиок во друг, дури и на нерамен терен…
А да.. Нерамен терен! Како што можете да видите и на фотографиите, одлучивме со Tipo Cross да го напуштиме асфалтот и да го оправдаме суфиксот Cross од неговото име.
И? Па ете, совршено е јасно – Tipo Cross е подготвен за сите оние теренски предизвици со кои реално ќе се соочите, па дури и за некои за кои мислите дека нема да успее да ги совлада. Зголеменото растојание од подлогата (кое сега е 16 сантиметри) и заштитните панели го прават сосем доволно робустен и за вакво возење – и едноставно, го оправдува своето име.
Tipo Cross е вистинскиот избор за оние кои не сакаат SUV а имаат потреба од практичен автомобил кој нема да се исплаши од недостаток на асфалт.
Значи, каков е заклучокот за Tipo Cross? Па, како што рековме – целината е поголема од збирот на деловите. Всушност, комбинацијата од привлечен дизајн и сериозно освежен ентериер, како и новиот мотор и кросоверските таленти некако нè тераат да кажеме дека Tipo Cross не е само уште една изведба на Tipo, туку и сосем засебен модел.
На самиот крај, некако сам по себе се наметнува заклучокот дека ваквите автомобили се вистинскиот избор за оние кои не сакаат да возат голем и тежок SUV, а имаат потреба од комфорен и практичен автомобил кој нема да се збуни во оние моменти кога ќе „имат снемано“ асфалт. Tipo Cross нема да Ве разочара!
Спецификации
Модел: | Fiat Tipo Cross 1.0 Т3 |
Мотор: | 1-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри |
Моќност: | 100 коњски сили / 5000 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 190 Nm / 1500 вртежи во минута |
Менувач: | Мануелен, 5 брзини |
0-100 км/ч: | 12.2 секунди |
Максимална Брзина: | 183 километри на час |
Должина: | 4386 mm |
Ширина: | 1802 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1556 mm (со кровни носачи) |
Тежина: | 1260 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2638 mm |
Багажен Простор: | 440 литри |
Потрошувачка: | 7.3 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Fiat Tipo Cross 1.0 Т3 – 16.500 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Fiat Tipo Cross 1.0 Т3 – 17.350 Евра Со вклучен промотивен попуст од 2000 Евра |
Повеќе Информации: | Fiat.mk |