ТЕСТ: Seres 3 – Достапен и моќен кинески електричен SUV кој поминува 300 километри со едно полнење на батериите! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Seres 3 – Достапен и моќен кинески електричен SUV кој поминува 300 километри со едно полнење на батериите!

Електричните автомобили стануваат реалност. Да, сè уште се скапи и можеби малку егозтични – но токму Seres 3 ќе се обиде да го корегира тоа.

Веќе добро сме запознаени со кинескиот гигант DFSK – на нашите страници веќе се појавија големиот Glory 580, како и купе-SUV моделот Glory F5. Но она за кое ќе зборуваме денес е нешто сосем поинакво.

DFSK неодамна го лансираше брендот Seres – бренд преку кој ќе ги нуди своите електрични возила. Првиот модел кој е дел од тој бренд е токму Seres 3, а благодарение на увозникот ABC Brother, Македонија е меѓу првите земји во светот кои го добиваат овој нов електричен SUV. Воедно, ние сме и меѓу првите кои седнаат зад управувачот на Seres 3, па ајде малку да зборуваме за него.

Каква е платформата?

Електричниот SUV користи платформа развиена токму од DFSK. Оваа платформа комбинира литиум-јонска батерија со капацитет од 53.6 kWh со електромотор поставен на предните тркала. Електромоторот испорачува 120 KW, односно 163 коњски сили и 300 Nm вртежен момент преку директен пренос, а тоа овозможува забрзување од 0 до 100 километри на час за 8.9 секунди и максимална брзина од 155 километри на час.

Уште поважно, батерискиот модул овозможува автономија од 329 километри со едно полнење на батериите – и тоа таа автономија е според строгите WLTP мерења, па е и прилично блиску до реалните перформанси. За време на неколкудневното дружење со Seres 3 ние забележавме автономија од околу 300 километри со едно полнење на батериите – што воопшто не е за занемарување. Ако земеме предвид дека просечниот македонски возач поминува околу 1000 километри месечно, тогаш тие 300 километри се доволни за околу една седмица секојдневно возење.

Тоа значи дека во просек, Seres 3 троши околу 18 kWh електрична енергија за да помине 100 километри. Ако направиме една брза математика (со полнење во домашни услови на евтината тарифа), 100 километри со Seres 3 чинат само 63.5 денари – односно како вашиот автомобил да троши само еден литар бензин на 100 километри! Математиката е уште подобра ако ги користите полначите на ЕВН – бидејќи ЕВН (во моментов) не го наплаќа полнењето преку нивните полначи, возењето е бесплатно.

Во домашни услови (на обичен „штекер“) полнењето е со моќност од 3 kWh, па доколку целосно не ги „исцедите“, батериите би се наполниле за околу 15 часа. Сепак, поентата на возењето електричен автомобил не е да ги „цедите батериите до нула“ туку секој пат кога имате можност да го дополните, да го направите тоа. Да, свесни сме дека не сите имаат можност да полнат електричен автомобил во домашни услови – но тие кои можат, ќе уживаат во него. Ако одлучите да вградите домашен полнач со моќност од 7 kW, батериите би биле полни за околу 7 часа, а со пристап до доволно моќен полнач од 100 kW батериите би биле полни за околу половина час – но за жал кај нас нема такви.

Поврзано:  Евтините електрични автомобили и понатаму доаѓаат од Кина - DongFeng го лансира Nammi Box во Европа

Привлечен и ненаметлив дизајн.

Инаку, она што навистина ни се допадна кај Seres 3 е дека е еден конвенционален, практичен и комфорен SUV. Нема непотребни дизајнерски елементи, нема дополнитело „дотерување“ – единствениот дизајнерски додаток кој „издава“ дека Seres 3 е електричен SUV е затворената предна маска на ладилникот. Сè друго е дискретно, конвенционално и културно. Дизајнот е типично европски – предниот дел го карактеризираат големите предни светла и затворената маска на ладилникот, профилот е динамичен благодарение на издигнувачките карактерни линии, а задниот дел е заострени и дури би рекле купеовски.

Сè на сè – навистина ни се допаѓа како изгледа Seres 3, а позитивните впечатоци ги зајакнуваат и деталите – тркалата изгледаат одлично, а добиваме и кровни носачи и ситни декоративни елементи во сатенска сина боја – сепак некои ситници издаваат дека се работи за електричен автомобил.

Комфорна и квалитетна кабина со одлична просторна понуда.

Одиме внатре! Ја отвораме возачката врата и нè пречекува модерна и комфорна кабина. Да, во ред – препознаваме детали кои се *кхм* инспирирани од германски и британски луксузни брендови – но ако веќе влечеме инспирација, барем да влечеме инспирација од добри брендови.

Квалитетот на материјалите и нивото на завршна обрабока е најдоброто кое досега сме го сретнале кај кинески автомобил – ништо не мрда, ништо не крцка. Немаме забелешки ниту за ергономијата – освен напомената дека управувачот се нагодува по височина, но не и по длабочина.

Пред возачот е поставен дигитален панел со инструменти (со три различни начини на приказ), додека на централната конзола е поставен мултимедијалниот уред. Под него се поставени отворите за вентилација, а под нив се физичките контроли за некои од функционалностите. На конзолата меѓу возачот и совозачот е кружниот контролер за менувачот, како и системот за бирање на режим на возење.

Поврзано:  Денови на електромобилност во East Gate Mall

На задната клупа има сосем доволно простор за двајца или тројца патници кои ќе имаат доволно простор како за нозете, така и за главите. Сепак, за идеално-комфорно патување би рекле дека е адекватно за двајца, а за тројца само по потреба. Конечно, набрзина и за багажникот – кога ќе ја отворите петтата врата ќе најдете багажен простор со зафатнина од 526 литри, како и лажен под каде е сместено резервното тркало каде има простор и за други ситници.

Човек лесно се навикнува на користење електричен автомобил.

Зад управувачот, Seres 3 е едноставно… Лесен за користење. Лесно ќе се навикнете на ваков автомобил. Прегледноста е задоволителна а малиот милион камери и сензори го олеснуваат маневрирањето и паркирањето. Суспензијата успешно ги филтрира нерамнините од нашите улици, а целосното отсуство на вибрации од мотор со внатрешно согорување значи дека во кабината е исклучително мирно.

Серво-управувањето е лесно и скоро без никаков фидбек, но да бидеме искрени – ова не е автомобил од кој ќе се очекуваат спортски карактеристики. Кога ќе возите подинамично, лимитите лесно се постигнуваат а на менито се нуди подуправување. Тоа најверојатно би се подобрило со друг сет пневматици – но во суштина, Seres 3 е комфорен автомобил, баш каков што треба да биде. Не е наменет за „бркање времиња“ и поставување рекорди. Неговата намена е да биде комфорен, практичен и ефикасен градски и семеен транспортер – и целосно успева во тоа.

Врвна опрема, како што и очекувавме.

На самиот крај, малку и за опремата. Како што обично бидува, еден од најмоќните аргументи на кинеските автомобили е и врвната опременост – па така меѓу другото, добивме и огромен панорамски кров, седишта обвиени во кожа, безжично полнење на мобилен телефон, 360-степенски камери за супер-лесно маневрирање и паркирање, сите можни системи за активна и пасивна безбедност и уште многу, многу повеќе.

Поврзано:  Евтините електрични автомобили и понатаму доаѓаат од Кина - DongFeng го лансира Nammi Box во Европа

Но што кога ќе треба да ја сменам батеријата?

Едно од најчестите прашања е следното – но што кога ќе треба да ја сменам батеријата? Од македонскиот импортер на Seres добивме официјална потврда дека исто како и на другите пазари, и на нашиот пазар батериите и електромоторот ќе имаат гаранција од 8 години или 120.000 километри – односно дека по истекот на гарантниот рок батеријата ќе има најмалку 70% од својот оригинален капацитет. Токму таквата гаранција би требало да помогне да се надминат стравот и скепсата кон електричните возила.

Како што стануваат подостапни, електричните возила ќе стануваат сè поинтересни!

И сега – ајде да заокружиме. Seres 3 е повеќе од пријатно изненадување. Новиот кросовер покажува дека електричните автомобили можат (и треба) да бидат достапни, практични и секојдневно-корисни. Автономијата од 300 километри со едно полнење е веќе реално-корисна, а сите други придобивки се само дополнителен бонус. Ваквите електрични автомобили ќе направат демократизација на електрификацијата – а тоа е тоа што се бара.

Спецификации

Модел: Seres 3 Premium
Мотор: Електромотор 120 kW
Батерија: 53.6 kWh
Моќност: 163 коњски сили
Вртежен Момент: 300 Nm
Менувач: Автоматски, директен
Забрзување 0-100 км/ч: 8.9 секунди
Максимална Брзина: 155 километри на час
Должина: 4385 mm
Ширина: 1850 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1650 mm
Тежина: 2065 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2655 mm
Багажен Простор: 526 литри
Автономија: 329 километри според WLTP
Цена на основниот модел: Seres 3 Standard – 30.000 Евра
Цена на тестираниот модел: Seres 3 Premium – 33.000 Евра
Повеќе Информации: ABC Brother

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.