Новиот Lexus IS добива F Performance верзија која нуди олд-скул V8 забава со 480 коњски сили!
Во време кога сè повеќе големи мотори „одат во пензија“, Lexus ги изненади фановите со IS 500 F Performance кој под поклопецот крие 5-литарски атмосферски V8!
Новиот Lexus IS (кој сега за сега не ни знаеме дали воопшто ќе пристигне во Европа) во САД добива моќна изведба. Моторот потекнува директно од LC500 спортското купе, а со трансплантацијата во IS го добиваме IS 500 F Performance. Атмосферскиот, 5-литарски V8 испорачува 480 коњски сили и 535 Nm вртежен момент, кои ги испорачува кон задните тркала преку автоматски менувач. Поклопецот на моторот е повисок за цели 5 сантиметри воопшто да може да го собере големиот V8!
На задната оска е поставен Torsen диференцијал со ограничено пролизгување, а искпертите од Yamaha биле инволвирани во развој на суспензијата. Дел од приказната е и F Sport Dynamic Handling пакетот кој вклучува адаптивна суспензија и супер-линеарно управување.
Сето тоа резултира со спринт до 60 милји на час (96 километри на час) за само 4.5 секунди. Според главниот инженер на Lexus – Naoki Kobayashi – мисијата на тимот била да се понуди баланс, рафинираност и доверба во автомобилот. Сопирачките се со дијаметар од 335, односно 322 милиметри на задните тркала. Тркалата се супер-лесни и доаѓаат од Enkei, и се обвиени во спортски пневматици.
За жал, IS 500 F Performance скоро сигурно нема да го видиме во Европа. А изгледа толку, толку добро.