Да, ова е сериски автомобил. Не, не е концепт. Да, изгледа спектакуларно!
Со новиот Ioniq 5, Hyundai сака да ги потсети купувачите на првиот сериски автомобил на брендот – Hyundai Pony од далечната 1975-та година. Токму со Ioniq 5, Hyundai го покажува напредокот направен во изминативе 45 години и како Hyundai прерасна од мал производител во супер-моќен глобален бренд.
Ioniq 5 е првиот модел кој ја добива E-GMP платформата која овозможува одлична модуларност. На купувачите ќе им бидат понудени две опции за батериите – едната батерија ќе биде со капацитет од 58 kWh, додека другат со капацитет од 72.6 kWh. Со помалата батерија, Ioniq 5 ќе располага со 168 коњски сили и 350 Nm вртежен момент, и ќе може да забрза до 100 километри на час за 8.5 секунди. Оваа батерија ќе може да се комбинира и со погон на сите четири тркала, и во таа конфигурација спринтот „до стотка“ е 6.1 секунда. Поголемата батерија може да се комбинира со погон на задните или на сите четири тркала, и во тие изведби добива 215, односно вкупно 302 коњски сили и 350, односно 605 Nm вртежен момент. Најбрзата конфигурација забрзува до 100 километри на час за 5.2 секунди.
Ioniq 5 овозможува полнење со моќност од дури 350 kW, благодарение на 400 или 800-волтната инфраструктура. За само 5 минути ќе можете да наполните доволно струја за да поминете 100 километри, а во зависност од одбраната конфигурација, ќе можете да поминете до 480 километри со полни батерии.
Кабината е супер-просторна и футуристичка, а покрај конвенционалниот багажник (со капацитет од 530 литри) имате и преден багажник кој нуди дополнителни 24 или 57 литри. Во кабината доминираат големите, 12-инчни екрани за возачот и мултимедијалниот уред, кои се поставени во заедничко парче стакло. Тука е и хед-ап дисплејот со надградена реалност, како и многу, многу други технологии. Кога сме кај технологиите, благодарение на V2L капацитетите на Ioniq 5, ќе можете електричниот автомобил да го користите за да полните и други уреди, па дури и да го искористите за напојување на некои работи во вашиот дом.
Од Hyundai потврдија дека Ioniq 5 ќе пристигне до крајот на оваа година. Нам ни изгледа одлично и едвај чекаме да го повозиме!