Со новиот Golf, Volkswagen одново поставува бенчмарк во класата и ја наметнува иднината со која конкурентите ќе се споредуваат во следните години.
Еволуцијата на Golf секогаш била внимателна, а Volkswagen од генерација во генерација успеа да го задржи приматот на моделот по кој цела една класа на автомобили го носи своето име. Таа одговорност ниту е мала, ниту е лесна – и токму затоа инженерите и дизајнерите од Wolfsburg се навистина внимателни кога станува збор за Golf.
Новата, осма генерација на Golf го турка овој модел на самиот врв на дигитализацијата. Не само што меѓу првите во класата доби технологии кои досега беа резервирани само за значително поголеми (и уште позначително поскапи) автомобили, Golf во класата наметнува стандарди и правила со кои ќе се споредуваат конкурентите во иднина.
Но какви измени наметнува Golf? Па, ајде прво да зборуваме за екстериерот. Golf е меѓу најаеродинамичните во класата со коефициент на отпор од само 0.275 Cd, иако е малку поголем од моделот кој го заменува. Но работите одат и многу подалеку – на пример, Golf веќе не може да се добие со обични светла – достапен е само со ефикасни и моќни LED светла, а високо-опремените верзии ќе добијат интелигентни IQ.Light модули. Секако, тука се и задните LED светлосни групи, но не ни очекувавме да бидат поинакви.
Главните измени се во кабината, каде Golf е сега темелно и сеопфатно дигитализиран. Сите изведби на Golf добиваат дигитални инструменти поставени на екран со дијагонала од 10.25 инчи, а стандардно доаѓа и мултимедијален уред со дијагонала од 8.25 инчи. Сакате уште поголем и понапреден систем? Тука е 10-инчниот дисплеј за мултимедијалниот уред кој VW го нарекува Innovision Cockpit, а можете да добиете и напреден хед-ап дисплеј, дигитално осветлување, премиум аудио уред од Harman Kardon…
Поврзаноста на Golf оди многу подалеку едноставно поврзување со мобилен телефон. Новиот WeConnect систем овозможува користење на мобилен клуч, преглед на состојбата на автомобилот, закажување сервис… Чекор понатаму е Car2X технологијата во Golf кои му овозможуваат да „зборува“ не само со автомобилите околу него, туку и со градската инфраструктура во радиус ид 800 метри – па Golf (а со тоа и возачот) ќе знае за незгоди во тој радиус, но и за некаков застој и слично. Новиот Travel Assist систем овозможува асистенција во возењето и управувањето при брзини до 210 километри на час.
Овој напреден систем нуди полу-автономно возење и следење на сообраќајот, како и следење на коловозната лента. За да го постигне тоа користи грст сензори и GPS уред за прецизно да го позиционира Golf на патот и самиот да прикочи кога ќе се доближи до свиок, до кружен тек или нештои слично, а адаптивниот темпомат препознава сообраќајни знаци и самиот се адаптира кон максимално-дозволената брзина.
Вистинската револуција доаѓа под поклопецот, каде Golf наметнува либерализација на електрификацијата. Новиот Golf ќе може да се нарача со конвенционални TSI турбо-бензинци и ефикасни и моќни TDI турбодизел погонски единици, но истовремено ќе бидат достапни и пет електрифицирани изведби. Во понудата се три eTSI лајт-хибридни изведби со стартер-генератор и 48-волтна батерија кои доаѓаат со 110, 130 и 150 коњски сили, а тука се и плаг-ин хибридните изведби со 204, односно 245 коњски сили кај GTE.
Секако, тука се и докажаните TDI турбодизел погонски единици. Овој пат Golf може да се добие само со 2-литарски TDI, но во неколку различни конфигурации – со 115 или 150 коњски сили, односно дури 200 коњски сили кај новиот GTD.
A кога сме веќе кај спортските изведби на Golf, Volkswagen веќе и официјално ги лансираше новите GTI, GTE и GTD, како и уште помоќниот GTI Clubsport и ракетата во форма на Golf R кој сега има 320 коњски сили, погон на сите четири тркала и Drift режим. Секако, за оние кои сакаат уште попрактичен Golf или пак имаат авантуристички нагони, тука се и Variant и Alltrack изведбите.
На нашиот пазар новиот Volkswagen Golf во моментов може да се добие со 1.5-литарскиот eTSI лајт хибрид со 150 коњски сили, како и со две TDI изведби со 115, односно 150 коњски сили, а за понатаму се најавени и други погонски опции. Во зависност од изведбата, можете да добиете 6-степен мануелен или пак 7-степен DSG менувач со двојна спојка.