Јапонскиот производител пред само неколку моменти и официјално ја претстави третата генерација на еден од најпродаваните кросовери – кажете му добредојде на новиот Qashqai!
Qashqai добива помускулест и позаострен дизајн. Низ целиот автомобил преовладуваат чисти и остри форми и површини – на предниот дел доминираат големите светла и острата маска, профилната линија е поедноставна и заострена, а задниот дел е чист и функционален. Навистина ни се допаѓа – изгледа футуристички, дури како да е некој концепт. Nissan за прв пат ќе го нуди Qashqai со 20-инчни тркала, како на фотографиите
Qashqai ќе може да се добие во една од 11 бои, а ќе има и 5 двобојни комбинации. Новиот Qashqai е поголем од тековниот модел – меѓуоскиното растојание е зголемено за цели 20 милиметри, а тоа ветува повеќе простор во кабината.
Кога сме кај кабината, од Nissan кажуваат дека Qashqai ќе се обиде да постави нови стандарди во сегментот кога станува збор за „премиум чувство, препознатлив и дизајн и напредна ергономија.“ Пред возачот е поставен 12.3-инчен дигитален панел со инструменти, а има можност и за 10.8-инчен хед-ап дисплеј. На централната конзола е поставен нов, 9-инчен мултимедијален уред со Nissan Connect услуги, но и можност за Android Auto и Apple CarPlay поврзување.
Кабината е покомфорна – има дури 50 литри повеќе во багажникот, задните врати се отвораат широко за полесен пристап а Nissan ветува дека навистина многу внимание е посветено на практичноста која им е потребна на семејствата. Дополнително, Qashqai ги добива и најновите ProPilot технологии за асистенција во возењето. Системот може да се добие само со Xtronic CVT менувачот и овозможува полу-автономно возење во многу различни ситуации.
Интересно – целата гама на погонски единици кај новиот Qashqai е електрифицирана. Во понудата ќе се најдат два лајт-хибридни бензинци, како и плаг-ин хибриден погон. Понудата на мотори започнува со лајт-хибридниот 1.3 DIG-T турбо-бензинец со 138 или 156 коњски сили, кој ќе може да се комбинира со 6-степен мануелен или CVT автоматски менувач. Помоќниот мотор ќе може да се добие и со погон на сите четири тркала.
E-Hybrid погонот го користи моторот со внатрешно согорување како генератор, и тој воопшто не е поврзан со тркалата. Овој погон комбинира 1.5-литарски бензинец со варијабилна компресија кој испорачува 154 коњски сили, со електромотор кој испорачува 187 коњски сили.