Новиот Outlander е првиот продукт развиен директно под влијание на Renault-Nissan-Mitsubishi алијансата, но не знаеме дали воопшто ќе пристигне во Европа.
Новиот голем јапонски SUV е особено важен за Mitsubishi, но и за целата алијанса. Јапонските брендови низ соработка и делење на компоненти ќе воведат многу новитети, но и ќе ги намалат трошоците. Од Mitsubishi потврдија дека новиот Outlander ќе започне да се продава во САД веќе во Април, но нема никаква потврда ниту информација околу неговото пристигнување во Европа. Минатата година Mitsubishi потврди дека „нема да развива нови продукти за Европа, но ќе ги продава тековните модели сè додека ги исполнуваат еколошките стандарди“, но со лансирањето на Outlander пристигна потврда дека новиот SUV ќе „се понуди и на други пазари подоцна во 2021“. Што значи тоа, останува да видиме.
Сепак, без разлика на сето тоа – Outlander е првиот нов-нов модел на Mitsubishi изминативе години. Забележуваме освежен дизајнерски пристап и навистина освежен идентитет. Знаменосецот на Mitsubishi е поголем, со поголемо меѓуоскино растојание и технолошки темелно освежен. Предниот дел добива нова интерпретација на Dynamic Shield маската, а од Mitsubishi кажуваат дека инспирацијата доаѓа од Pajero и Evolution X (нека почива во мир). Светлата во браникот се всушност традиционалните кратки/долги светла, додека тие над нив се дневните светла. Задниот дел добива тенки хоризонтални светла, а целата форма на Outlander е навистина робустна.
Од Mitsubishi кажуваат дека многу внимание е посветено на кабината на новиот Outlander. Нагласуваат дека многу време и труд се инвестирани во избор на квалитетни материјали, но и завршната обработка за Outlander да може да биде позициониран повисоко во сегментите. Пред возачот е поставен 12.3-инчен панел со инструменти а централната конзола добива 9-инчен мултимедијален уред. Outlander ќе може да се добие со пет или седум седишта.
Во САД, Outlander ќе се нуди со 2.5-литарски четири-цилиндерски бензинец кој е „ново-развиен во Алијансата.“ Моторот испорачува 184 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 245 Nm вртежен момент од 3600 вртежи во минута. Силата се пренесува преку 8-брзински менувач кон сите четири тркала, но ќе биде достапна и верзија со погон само на предните тркала.
Нам ни изгледа интересно – но останува да видиме дали воопшто ќе пристигне во Европа.