ПРЕМИЕРА: Citroën го претстави темелно-освежениот C3 Aircross! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Citroën го претстави темелно-освежениот C3 Aircross!

Од Citroën кажуваат дека новиот C3 Aircross достигна зрелост, но не изгуби ниту еден дел од својата уникатност и својот шарм.

Ајде прво за освежувањата на надворешноста. Силуетата е иста, но предниот дел е темелно редизајниран и добива дизајнерски елементи кои влечат инспирација од другите модели на брендот – особено од новиот C4. Предниот дел сега е подоминантен и ни се допаѓа изведбата на предната маска, како и предните светлосни групи. Задниот дел добива редизајнирани светла и уште неколку нови дизајнерски детали, а достапни се и нови бои и нови дизајни на алуминиумските тркала.

Освежувањата продолжуваат во кабината – каде најважен новитет се супер-комфорните Advanced Comfort седишта кои беа претставени кај C4 Cactus и C5 Aircross. Седиштата имаат дополнителен сунѓер и уште неколку други подобрувања, а со тоа е гарантиран комфорот во возењето. Дополнително, C3 Aircross добива и технолошко освежување – па тука е новата генерација на Grip Control системот со Hill Assist асистенција за движење по надолнини, новиот 9-инчен мултимедијален уред со Citroen Connect Nav и Android Auto и Apple CarPlay компатибилност, како и дури 12 системи за асистенција во возењето.  Од Citroen нагласуваат дека главниот акцент е даден на поедноставување на секојдневието – па затоа C3 Aircross може да добие и hands-free пристап и стартување, Park Assist систем, грст камери и сензори, безжично полнење за мобилен уред, хед-ап дисплеј и многу, многу повеќе.

Кабината на C3 Aircross останува практична – покрај одличните седишта и многуте технологии, напоменуваме дека задната клупа се поместува нанапред или наназад (и тоа за 15 сантиметри), и во зависност од положбата багажникот варира меѓу 410 и импресивни 520 литри, односно дури 1289 литри со преклопени задни седишта.

Секако, во понудата остануваат докажаните погонски единици – па новиот Citroën C3 Aircross ќе може да се добие со бензинските PureTech или турбо-дизелските BlueHDI мотори. PureTech бензинците доаѓаат во две изведби – 100 и 130 коњски сили, додека BlueHDI турбодизелот испорачува 100 или 120 коњски сили. Основните верзии се со 6-степен мануелен, додека помоќните верзии се со EAT6 автоматски менувач.

Поврзано:  Новиот Citroën C3 пристигна во Македонија!

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.