„Основната“ верзија на електричниот спортски автомобил на Porsche се вика едноставно Taycan и може да се добие во две конфигурации со 408, односно 476 коњски сили – и погон на задните тркала!
Новата, четврта изведба на Taycan ќе се нуди покрај постоечките Taycan Turbo, Taycan Turbo S и Taycan 4S. Воедно, ова е и првата изведба на Taycan која доаѓа со погон на задните тркала. Ќе се нуди со две различни батерии – првата Performance Battery изведба испорачува 326 коњски сили, одноно 408 коњски сили со Launch Control, додека втората – Performance Battery Plus – испорачува 380 коњски сили, односно 476 коњски сили со Launch Control.
Новиот Taycan автоматски ја добива и новата Plug & Charge функционалност која ја елиминира потребата за картички за полнење на батериите – едноставно вклучете го Taycan во компатибилен полнач и полнењето ќе започне автоматски. Основната батерија е со капацитет од 79.2 kWh, додека поголемата батерија е со капацитет од 93.4 kWh. Според WLTP мерењата, автономијата која ја нудат батериите е до 431, односно 484 километри.
Без разлика на одбраната батерија, Taycan забрзува до 100 километри на чаза да 5.4 секунди и постигнува максимална брзина од 230 километри на час. Максималната моќност на полнење е до 225 kW, односно 270 kW – ако имате пристап до доволно моќен полнач, секако. Тоа значи дека двете батерии можат да бидат наполнети од 5% до 80% за 22 минути. Дополнително, за само пет минути ќе ги наполните батериите доволно за да поминете до 100 километри.
Инаку, Taycan е веќе успешен модел за Porsche – минатата година беа испорачани над 20.000 примероци од првиот електричен модел на брендот. Интересна е статистиката за Норвешка – каде дури 70% од продадените автомобили на Porsche биле Taycan. Првите примероци на новата изведба ќе бидат испорачани кон средината на Март, а цените во Германија ќе започнуваат од 83.500 Евра.