Glory F5 ги погодува сите трендовски детали – купе-SUV со привлечни детали, многу, многу технологија и привлечна цена. Ајде да зборуваме за изненадувањето од истокот!
Ова не е првиот кинески автомобил на нашите страници. Всушност, ова не е ни првиот DFSK на нашите страници – пред скоро точно две години го возевме DFSK Glory 580, а сега сме зад управувачот на неговиот значително помодерен и поинтересен брат – Glory F5.
Приказната и тука е слична – инженерите и дизајнерите на DFSK ги следеле трендовите за на купувачите да им го понудат токму она кое го сакаат – трендовски купе-SUV со интересен, модерен и привлечен дизајн, комфорна кабина со многу технологија, како и моќен и ефикасен мотор.
Glory F5 изгледа добро. Не само „добро за кинез“, туку навистина добро!
Ајде прво за дизајнот. Веднаш ќе признаеме дека Glory F5 изгледа добро. И не само „добро за кинез“ – туку добро. Да, да, во ред – препознаваме детали кои се дискретно (и не баш дискретно) инспирирани од европските конкуренти – но навистина, F5 изгледа добро.
На предниот дел доминираат големата и широка маска и широките LED предни светла, профилот е нагласено купеовски а на задниот дел вниманието го задржуваат формата, но и светлосниот потпис на LED елементите. Навистина – F5 изгледа современо и ни се допаѓа. Ни се допаѓаат и темно-сивите 18-инчни тркала кои се интересен контраст на белата боја.
Позитивни се и реакциите од минувачите. Оној „отвори го прозорецот, нешто да те прашам“ маневарот кој го правиме со рацете беше изненадувачки чест додека го возевме F5. На луѓето им се допаѓа дизајнот, а уште интересот станува уште поголем кога ќе напоменеме дека се работи за кинески автомобил. Предрасудите постојат, секако – но токму со ваквите автомобили се надминуваат.
Материјалите во кабината и завршната обработка се за пофалба!
Слично е и во кабината – и овде веднаш забележуваме дека материјалите и завршната обработка се едно рамниште погоре во однос на Glory 580 и дека лесно се споредуваат и со европските конкуренти. Да, дизајнот на централната конзола е инспириран од еден германски бренд, но тоа воопшто не е лошо – пред возачот се поставени инструментите, додека на централната конзола е поставен мултимедијалниот уред. Веднаш под мултимедијалниот уред се контролите за клима-уредот и автоматскиот менувач. Ергономијата е одлична – многу слична на германски автомобил.
Седењето во кожните седишта е комфорно и прегледно. Ако имаме некакви забелешки, тие би се однесувале на недоволното прилагодување на управувачот по длабочина – но во суштина, тоа е тоа. Сите команди се прилично јасни и лесни за користење, а за возачот и совозачот има навистина многу простор.
Изненадува и просторот на задните седишта – иако можеби на прв поглед не е така, на задната клупа има многу, многу простор. Тоа е директна придобивка од долгото меѓуоскино растојание – F5 ја дели платформата со 580, а тоа е SUV со седум седишта. Дополнително, чувството во кабината го подобрува и големиот стаклен кров.
Плус, ќе добиете и багажник со капацитет од импресивни 779 литри, достапни преку гоооолема петта врата, па внесувањето и на поголеми предмети не би требало да претставува никаков проблем.
1.5-литарски турбо-бензинец со 137 коњски сили и CVT автоматски менувач.
Нашиот тестен модел дојде опремен со 1.5-литарски турбо-бензинец, кој ја пренесува силата кон предните тркала преку прилично добро нагоден CVT автоматски менувач. Турбо-бензинецот испорачува 137 коњски сили при 5600 вртежи во минута и 220 Nm вртежен момент од 2000 вртежи во минута. CVT менувачот работи прилично мазно и низ град е одличен сопатник.
При нагло и силно притискање на педалата за гас го најавува своето присуство и F5 почнува лесно да граби нанапред. Максималната брзина е 170 километри на час, а иако DFSK не објавува официјални бројки од забрзувањето, ние аматерски измеривме забрзување до 100 километри на час кое траеше околу 12-тина секунди. Бидете екстремно внимателни со педалата за гас и градската потрошувачка може да падне и на под 9 литри на 100 изминати километри – но реално очекувајте просечни 10 до 11 литри на 100 изминати километри.
Лесно возење со акцент на комфорот.
Инаку, возењето е лесно – прегледноста е прилично добра, освен кон задниот дел, но маневрирањето и паркирањето го олеснуваат задната камера и паркинг сензорите. Седењето е високо и големите стаклени површини овозможуваат лесно движење низ градскиот метеж. Моторот си работи мирно и тивко, а суспензијата е прилагодена кон комфор, без притоа да е нарушена динамиката. Суспензијата успешно ги филтрира нерамнините од нашите улици, дури и на големите 18-инчни тркала. Пневматиците не влеваат премногу доверба на влажни и ладни коловози, но на суво се задоволителни. Сопирачките се сосем доволно моќни за лесно да го запрат 1630 килограми тешкиот F5.
Секако, со Glory F5 добивате и воздушни перничиња за возачот и совозачот, странични воздушни завеси, систем за следење на притисокот во пневматиците, како и целата гама на системи за безбедност – од очекуваниот ABS, па сè до систем за контрола на тракцијата и систем за стабилност. Интересен додаток е вградениот рекордер за континуирано снимање на возењето.
Со Glory F5, DFSK амбициозно цели и кон повисоките сегменти!
Сè на сè, заклучокот кој се наметнува за DFSK Glory F5 е дека кинескиот гигант успешно атакува и на повисоките сегменти на стариот континент. Да, конкуренцијата е моќна и тешко е да се надминат предрасудите кои сите ние ги имаме кон кинеските автомобили – но за оние кои се подготвени да го направат тоа, F5 може да понуди многу. Компаративно опремен автомобил од европски производител би чинел многу, многу поскапо, а квалитетот и дизајнот се веќе на безмалку еквивалентно ниво.
Со оглед на аспирациите на кинеските брендови да ја зголемат продажбата на европскиот пазар, како и квантните скокови во опипливиот квалитет и материјалите кои ги прават од година во година, од една страна воопшто не сме изненадени од она кое Glory F5 го нуди, но од друга страна сме навистина импресионирани во напредокот постигнат за само година-две.
Спецификации
Модел: | DFSK Glory F5 Intelligence CVT |
Мотор: | 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри |
Моќност: | 137 коњски сили / 5600 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 220 Nm / 2000 вртежи во минута |
Менувач: | Бесстепен, CVT |
0-100 км/ч: | – |
Максимална Брзина: | 170 километри на час |
Должина: | 4685 mm |
Ширина: | 1865 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1645 mm |
Тежина: | 1620 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2790 mm |
Багажен Простор: | 779 литри |
Потрошувачка: | 10.5 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | DFSK Glory F5 Intelligence CVT – 24.990 Евра |
Цена на тестираниот модел: | DFSK Glory F5 Intelligence CVT – 24.990 Евра |
Повеќе Информации: | DFSK.mk |