Макпетрол Инфо Поинт: Возењето на автопат е најбрзиот и најбезбеден начин за патување со автомобил. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Макпетрол Инфо Поинт: Возењето на автопат е најбрзиот и најбезбеден начин за патување со автомобил.

На патиштата во Европа само 9 проценти од сите сообраќајни незгоди со смртни последици во 2019 година биле на автопат – покажува извештајот на Европската Комисија за Сообраќајни Несреќи.

Извештајот на комисијата наведува дека во 2019, 53 проценти од сите сообраќајни незгоди со смртни последици биле во приградски средини, 38 проценти во урбани средини и само девет проценти на автопат.

Според Европската комисија меѓу 2010 и 2019 година бројот на смртни случаи на патиштата во Европа бележи пад од 23 проценти. Во 2019 година на патиштата во Европската Унија животот го загубиле 22 800 лица, а околу 120 илјади биле потешко повредени. Најбезбедни патишта имале Шведска и Исланд со 22 и 29 смртни случаи на еден милион жители, а најнебезбедни се патиштата во Романија со 96, Бугарија со 89 и Полска со 77 смртни случаи на еден милион жители.

На нашите патишта во просек годишно животот го губат околу 68 лица на еден милион жители.

Според анализата на Министерството за Внатрешни Работи, 96 проценти од сите сообраќајни незгоди во последните десет години се поради грешка на возачите, а останатите се поради грешка на пешаците.

Во периодот од 2010 до 2019 година на нашите патишта се случиле повеќе од 103.000 сообраќајни незгоди со полесни и потешки последици. Од нив околу 40.000 се со потешки последици. Топ пет фактори се брзото возење – 22 %, недавање првенство на минување – 15 %, недржење страна – 13 %, неправилно свртување – 11 % и управување под дејство на алкохол – 5 % од незгодите со тешки последици.

На автопатишата во Македонија во последните десет години се случиле 3.014 сообраќајни незгоди, или околу 3 проценти од вкупниот број сообраќајки.

Според податоците на Светската Здравствена Организација секое зголемување на просечната брзина од 1 процент предизвикува раст на ризикот од сообраќајна несреќа за 4 проценти. Во сообраќајка со фронтален удар, ризикот за смртност на пешакот се зголемува за 4,5 пати повеќе со зголемување на брзината на возење од 50 на 65 километри на час.

Возењето на автопат бара голема концентрација и најдобар совет за возачите почетници е правилото на три секунди. Додека возите одберете некој знак или предмет на патот и откако возилото пред вас ќе го помине бројте три секунди. Предниот дел од вашето возило не треба да го допре знакот пред да изброите до три, ако го поминете знакот пред да стигнете до три треба да забавите и да оставите повеќе растојание.

На автопатите брзината е ограничена на 110 километри на час во Албанија, 120 километри на час во Србија, додека во Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија 130 километри на час. Во Европската Унија на автопатите брзината е ограничена на 130 километри на час, со исклучок на Германија, каде тоа е само препорака.

Казните за брзо возење во земјите од Европа се движат од 15 до 35 евра во Германија, меѓу 35 и 726 евра во Австрија, помеѓу 168 и 899 евра во Италија.

Надвор од населени места и на магистрални патишта брзината секаде е ограничена од 80-90 до 100-110 километри на час.

Извор: Макпетрол Инфо Поинт



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.