ПРЕМИЕРА: Toyota C+pod е мал, урбан електричен автомобил! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Toyota C+pod е мал, урбан електричен автомобил!

Минијатурниот C+pod може да помине 150 километри со едно полнење на батериите и да постигне максимална брзина од 60 километри на час.

Според она кое го објави Toyota, малиот електричен автомобил е наменет за флотна продажба, локални власти и разно-разни други организации на кои им е потребна евтина и практична урбана мобилност, но ќе се продава и на индивидуални купувачи. Продажбата кон индивидуалните купувачи (во Јапонија) ќе започне во 2022, а сега за сега не е најавено дали практичниот C+pod ќе се понуди и на други пазари.

C+pod е навистина малечок – долг е помалку од 2.5 метри, широк е само 1.3 метри и висок е 1.5 метри. Меѓуоскиното растојание е 1780 милиметри и тежи 670 килограми. Во подот е поставена батерија со капацитет од 9.06 kWh, која овозможува автономија од околу 150 километри, како и максимална брзина од 60 километри на час. Во кабината има место за двајца, а купувачите ќе добијат и клима-уред, седишта со загревање, централна брава, дигитални инструменти и други секојдневни практични елементи.

Интересна – и логична – е одлуката на Toyota надворешните панели на C+pod да ги изработи од пластика. C+pod ќе може да се добие во пет различни двобојни комбинации, или пак една од три комбинации во три бои.

Како што напоменавме, сега за сега нема информации кога (и дали воопшто) Toyota ќе го понуди C+pod на други пазари надвор од домашниот.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.