ИНТЕРВЈУ: Томе Јованоски, Chief Designer во Jeep – Следете ги соништата, сега е одлично време за кариера во дизајн! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ИНТЕРВЈУ: Томе Јованоски, Chief Designer во Jeep – Следете ги соништата, сега е одлично време за кариера во дизајн!

Малкумина знаат дека Chief Designer во Jeep е македонецот Томе Јованоски – а ние имавме ексклузивна можност да зборуваме со него за неговиот пат во оваа индустрија, за неговата страст кон автомобилите, но и дизајнерските насоки и иднината на автомобилскиот дизајн.

Здраво Томе! Ти благодариме за одвоеното време. Пред да зборуваме за автомобилите, раскажи ни нешто повеќе за тебе.

Роден сум на 10-ти Февруари 1983 година во Тетово, Македонија. Моите родители се занимаваа со трговија и секогаш имаа уметничка страна, но тоа беше нешто што тие никогаш немаа можност да го следат како професија. Со мојата сестра израснавме со можности да истражуваме различни работи, како што е музиката, но мојата страст секогаш беше уметноста. Живеев во Македонија до својата 14-та година кога моето семејство одлучи да се пресели во Соединетите Американски Држави. Се преселивме во Детроит, Мичиген, каде што завршив средно училиште, насочувајќи се на инженерството – но сфатив дека тоа не е патот по кој сакав да влезам во автомобилскиот свет.

Преку еден од моите инструктори дознав за College for Creative Studies каде се изучуваше дизајнот, и е еден од најврвните факултети за дизајн на автомобили. Студирав таму 4 години, во текот на кои имав можност да завршам пракса во автомобилската компанија Renault во Париз, Франција. Откако се вратив, дипломирав во 2005 година со диплома за дизајн на транспорт. Кратко потоа, прифатив понуда да работам за Chrysler – сега под името FCA – која ми даде можност да го исполнам мојот животен сон да станам автомобилски дизајнер. Имав можност низ мојата кариера да ја исполнам и мојата друга страст да патувам низ светот и да живеам на места на кои сум сонувал да имам прилика да ги посетам.

Во 2013 година по мојата ротација во напредното студио во Калифорнија се оженив за мојата сопруга Кристина која студираше внатрешен и графички дизајн. Во 2016 година се роди нашата прекрасна ќерка Емилија и во 2021 година сме среќни да објавиме дека го очекуваме нашето второ дете.

Да започнеме со малку историја – од каде идејата и желбата да се занимаваш со автомобилски дизајн? Кои се твоите дизајнерски идоли од минатото, и кои се некои дизајни на автомобили кои би ги издвоил?

Отсекогаш сум бил фасциниран од автомобилите. Голем дел од моето детство беше поминато следејќи Формула 1 трки, собирајќи сликички (сигурно некој ги памети Turbo мастиките), или пак длабоко внесен во различни авто списанија кои мојот татко редовно ми ги снабдуваше. Во тие списанија секогаш имаше дел каде што нови возила – особено нивниот дизајн – беа прикажани со различни цртежи и скици.

Бев фасциниран од идеите дека од еден рачен цртеж кој е замислата на еден дизајнер, можат да настанат автомобилите кои беа инспирација за мене – автомобилите како Ferrari F40, Lancia Stratos и Dodge Viper. Исто така, отсекогаш сум бил обожувател на уметност и цртање, па логично ги споив двете мои страсти и почнав да цртам автомобили. Прво почнав да ги прецртувам цртежите кои ги гледав во тие списанија и со време почнав да измислувам мои креации и дизајни. Ме привлекуваше идејата дека преку мојата имагинација и дизајн можат да ја создадам и насочам иднината.

Малкумина знаат дека македонец е одговорен за надворешен дизајн за Jeep, во еден автомобилски гигант како FCA. Каков беше патот до таму?

Преселбата во Детроит (Motor City) дефинитивно беше предност за мојата кариера. Да се биде во автомобилскиот главен град на САД ми отвори многу врати за да го остварам мојот сон. Откако дипломирав имав неколку работни понуди, но отсекогаш ме привлекуваше дизајнот на Chrysler. Меѓу моите најомилени се нивните возила од 90-тите години и поради тоа одлучив да ја прифатам нивната понуда.

Станав дизајнер на почетно ниво и работен на некои тековни проекти на возилата од мала и средна категорија. Мојата прва неверојатна можност беше во 2008 година кога се преселив во Сан Диего за да работам на напредни концепти за дизајн и кратко потоа бев префрлен на меѓународна задача во Токио, Јапонија. Обично дизајнерите се фокусираат на еден аспект на автомобилскиот дизајн – надворешност или внатрешност – но за време на напредната (Advanced Design) фаза имав прилика да работам и во двете практики – нешто што навистина ми помогна да напредувам и да ги проширам моите можности.

До 2013 бев Senior Designer на ентериер за моделите на Dodge, SRT и Fiat за американскиот пазар. Пред да се префрлам во студиото за надворешен дизајн на Dodge и RAM возилата, направив ротација кон нашето (ново во тоа време) студио во Сан Диего. Овие ротации и меѓународни задачи заедно со моето искуство во дизајн на екстериер и ентериер во различните брендови под капата на FCA беа клучни за успехот во мојата кариера. Со растот на брендот Jeep, во Јануари 2017 имав среќа и чест да ставам главен дизајнер на новосоздаденото студио за дизајн Jeep 2, кое е одговорно за Renegade, Compass, Cherokee, тековната генерација Grand Cherokee, Wagoneer, како и неколку нови модели за кои не би можеле да зборуваме моментално, но дефинитивно ќе можеме во блиска иднина.

Како Head of Design, кои се твоите улоги и одговорности?

Бројот на Jeep модели во последниве 10 години се зголеми од 3, на повеќе од 6 модели кои се на продажба денес. Со успехот и побарувањата на брендот на глобалниот пазар, тој број ќе се зголеми во наредните неколку години. Токму поради тоа, FCA создаде две дизајн студија наменети само за Jeep возилата. Мојот тим е еден од тие и се состои од Director, Chief Designer (јас), менаџер, четири дизајнери и 8 моделари кои се одговорни за сите програми во нашето студио. Мал, но дефинитивно ефикасен тим.

Нашата одговорност е егзекуцијата на целосниот екстериер – од иницијалната скица, па сè до крајниот продукт кој може да се купи. Целиот процес на развој трае 3 до 4 години, а во тоа време тимот создава повеќе предлози за теми за истражување на повеќе дизајни за возилата на Jeep. Во тој период имаме внатрешен натревар меѓу тие дизајни, каде што јас и моите директори одбираме насока, креираме макети од глина и 3D-печатени компоненти кои ќе го претставуваат крајниот дизајн.

Откако ќе биде избрана победничката тема, работиме со инженерството за да го земеме дизајнот и да ги вметнеме сите параметри за изводливост. Ние работиме со аеро, безбедност, производство – па дури и маркетинг – во создавање на целото возило и имиџот за конкретниот клиент за кој возилото е наменето. Работиме, и од една скица го дизајнираме секој дел и компонент на надворешноста на производносто возило.

Со големото побарување на Jeep возилата истовремено работиме глобално со различните студија кон креирање на Jeep возила кои се фокусирани на корисниците и нивните барања во тие региони. Секој дизајн е колаборација на тим од дизајнери, инженери и моделари кои заедно работат на егзекуција на заедничка идеја, а мојата одговорност е да го обединам тој тим и нивните идеи, и да ја извршам нивната првична идеја во привлечен, унифициран и модерен дизајн.

Всушност, кога сме веќе кај автомобилите – кои автомобили кои можеме денес да ги видиме (или пак ќе можеме наскоро да ги видиме) на улиците се твое дело, или имаат твое влијание?

Во моите 15 години во автомобилската индустрија имав прилика да создадам предлози и за внатрешни и за надворешни дизајни. Голем дел од моите дизајни беа создадени под напредните „Advanced“ студиски дизајни каде ги истражувавме идните потенцијали за модели и насока на дизајнот, кои за жал никогаш не беа прикажани на јавноста но сепак влијае на неколку проекти кои FCA ги реализираше низ текот на годините. За време на мојата фаза за внатрешно дизајнирање, бев дел од тимот кој работеше на возила како што се Chrysler 300, Dodge Charger и модели на Fiat за американскиот пазар.

Сепак, мојот најзначаен проект беше дизајнот на петтата генерација на Dodge Viper – имав прилика да работам и на екстериерот, но најголемиот мој придонес беше на дизајнот на кокпитот.

Од 2014 до 2016 бев менаџер за надворешен дизајн на Dodge и SRT брендовите каде го водев извршувањето на последните лимитирани серии на Dodge Viper ACR, Charger Daytojna и Durango SRT.

Во следните неколку години ќе претставиме неколку модели кои беа под мој надзор од марката Jeep – како што е на пример Grand Wagoneer кој неодамна беше прикажан. Овој модел е воведување на новата марка Wagoneer и претставува ново ниво на луксуз и изработка, но и нова насока на овој бренд под FCA.

Малкумина знаат дека ентериерот на Viper е твое дело – од каде влечеше инспирација за тој ентериер? И какво е чувството да се поседува автомобил во кој самиот сте имале огромен удел?

Како љубители на автомобили, секогаш имаме постери со возила кои ги идолизираме – а за мене тоа секогаш беше Viper. Всушност, тоа и беше една од причините поради кои решив да ја прифатам позицијата во Chrysler. Кога имам можност да работам на нов дизајн, секогаш започнувам со разбирање на историјата. Не за да се копира, туку за да се разбере зошто е создаден на начинот на кој што е.

Со Viper секогаш се работеше да биде автентичен во неговата функција. Тесен кокпит со акцент на возачот, контролите и фокус на перформансите. Сè што ви треба при рака, ништо што не. Со новиот дизајн донесовме и врвна нова технологија, рачно шиена кожа и нови нивоа на изработка – работи кои оригиналното возило ги немаше – но сепак го одржавме да биде едноставен и елегантен.

Најтешката работа да се постигне кај дизајнот е едноставноста, но ако се направи правилно – тогаш дизајнот ќе остане безвременски. Секако, погледнавме и во надворешноста – телото е прилично скулптурно, па сакавме исто чувство и внатре. Ја разгледавме физиологијата на змиите, особено формите на нивните глави – бидејќи Viper е под огромно влијание од нив – и го искористивме тоа за некои од карактеристиките и линиите на дизајнот при креирање на внатрешните форми. Исто како кожата на змиите, внатрешноста се карактеризира со испреплетени форми, но на крајот сепак останавме верни на оригиналот – сите работи кои му требаат на возачот му се на дофат, а сè друго е скриено и достапно само кога ќе ви треба. Едноставен, а воедно елегантен и незаборавен дизајн.

Јас сум навистина среќен што можев да станам сопственик на еден откако влезе во производство. Сè уште се чувствувам како да сонувам кога го возам и Viper е постојано потсетување на еден од моите омилени моменти во кариерата. Секој дел и секоја компонента има приказна како се развиени – како за мене, така и за неверојатните луѓе кои го споделија патувањето со мене кога го создававме ова возило. Јас сум навистина почестен што бев дел од тимот кој ја направи оваа визија – реалност.

Во која насока ќе се движи автомобилскиот дизајн во иднина?

Се наоѓаме на интересно место во автомобилскиот дизајн. Од една страна, на надворешноста на автомобилите имаме експресивни, елегантни и едноставни дизајни – како што е новиот Ferrari Roma – а од друга страна има сè повеќе монолитно, техничко, скоро индустриско извршување како што е прикажано во возилата како Tesla Cybertruck и Polestar Precept.

Движејќи се напред, со зголемувањето на електрификацијата на возилата, не треба да се фокусираме на компонентите – како на пример отворите за ладење на моторите или пак други делови кои беа потребни за бензинските мотори – што пак им дава на дизајнерите голема слобода да истражуваат футуристички прелози, особено кога станува збор за „лицето“, односно идентитетот на предниот дел на возилата. Но она што сметам дека добива поголема важност е фокусот на патниците и уште поважно – нивното искуство. Шасиите на идните модели се под влијание на автономијата и корисничкото искуство. Со автономното возење, има многу повеќе можности за дизајнерите да истражуваат различни распореди на кабината и да креираат посоцијална, релаксирана атмосфера за патниците – на еден начин, просторија за одмор, забава, работа или уште поважно – меѓусебна комуникација.

Кои дизајнери кои во моментов работат, се истакнуваат со своите дизајни?

Во моментов сме во вистинска ренесанса во автомобилскиот дизајн во FCA, особено во Jeep брендот. Под раководството на нашиот извршен директор за глобален дизајн – Ralph Gilles – ние ќе ја започнеме новата насока за нашите светски-познати SUV возила и прилично сум возбуден дека јавноста ќе ги види овие возила во следните неколку години. Што се однесува до другите производители во автомобилскиот свет, јас го ценам дизајнот кој го прикажуваат француските производители во моментов.

Renault под раководството на Laurens van den Acker создаде доста екстравагантни концептни возила кои го водат дизајнот во нова насока, и навистина би сакал тие идеи да се преведат во нивните продукциски модели. Исто така, под групата PSA и поточно брендот Peugeot кој до неодамна беше предводен од Gilles Vidal, а сега е под водство на Matthias Hossan – нивниот дизајнерски тим создаде модерен, уникатен, атлетски и карактеристичен идентитет за својата марка со нивниот надворешен и внатрешен дизајн, кој пак ги прави да се издвојуваат од конкуренцијата.

Како што веќе знаеме, FCA и PSA во моментов водат разговори за спојување и создавање на Stellantis, па затоа сум навистина возбуден да видам каде може да нè одведе таа соработка. Се надевам дека ќе имам можност да соработувам и да создавам предлози за нивните иконски брендови. Други дизајни кои вредат да бидат почесно споменати се скулптурните дизајни на Mazda, особено нивните најнови концептни возила, како и ново-претставениот Koenigsegg Gemera.

Што би им порачале на читателите на CARclub.mk, но и на младите македонски дизајнери кои сакаат да се впуштат во светот на автомобилскиот дизајн?

Секогаш следете ги вашите соништа – без оглед на тоа колку далечни изгледаат. Во дизајнот, светските корпорации секогаш бараат нови таленти од секој дел на овој свет, токму поради нивните различни искуства и култура, кои ќе ги донесат со себе. Поизнати дизајни не доаѓаат само од најголемите центри за дизајн во светот, како што се Париз и Милано – тие доаѓаат од секаде. Уникатноста се цени.

Моето воспитување и нашата култура имаа огромно влијание во мојот дизајн и кариера, и се навистина многу ценети во мојата линија на работа. Дизајнот влиаје на секој момент од нашиот живот, а сè околу нас – без разлика дали физичко или како графика – е создадено и замислено од некого, па можностите за креирање и замислување на иднината преку дизајн се неограничени. Од правењето филмови и видео-игри, па сè до мебелот, автомобилската индустрија и модата – дизајнот достигна ново ниво на глобално значење и почит.

Дизајнот и уметноста достигнаа навистина големо влијание на сè што избираме во нашиот животен стил. Навистина е одлично време да се занимавате со дизајн како кариера, и со бројните институции низ целиот свет – тие можности се достапни за секого.


Сакаме да му се заблагодариме на Томе за одвоеното време и исцрпните одговори. Навистина сме горди што ја имавме оваа можност да зборуваме со него, и се надеваме дека нашето интервју ќе послужи како инспирација за нови, млади автомобилски дизајнери од Македонија.

Галерија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.